На Венера можеби има живот, покажува најново истражување

На Венера можеби има живот, покажува најново истражување

Подготвил: Драгана Петрушевска

Меѓународен тим на астрономи водени од професорката Џејн Гривс од универзитетот „Кардиф“ денес го објавија откривањето на ретка молекула, фосфин, во облаците на Венера. На Земјата, овој гас се создава само индустриски или од микроби кои живеат во околина во која нема кислород.

Астрономите со децении претпоставувале дека облаците на Венера би можеле да бидат дом за микроби. Откривањето на молекули на фосфин, што се содржи од водород и фосфор, може да биде знак за вонземен живот. Откритието било направено со помош на телескопот „Џејмс Клерк Максвел“ во Хаваи и дополнителни 45 телескопи во Чиле, кои го потврдиле присуството на молекулата прво забележана со хавајскиот телескоп.


Фото: Royal Astronomical Society

Научниците велат дека нема доволно информации за да се докаже даека фосфинот потекнува од природен извор, но според пресметки направени со помош на научници од Технолошкиот институт во Масачусетс, шансите се минимални молекулите да потекнуваат од природен извор, како вулканска активност или метеорити. Другата можност за потеклото на оваа молекула би можела да биде  живот на Венера.

Сепак, научниците додаваат дека се потребни уште истражувања за да се докаже дека на Венера имало или има живот. Високите области на планетата имаат пријатна температура, но во нив има огромно количество сулфурна киселина, што би го отежнало преживувањето на микробите.

Извор: Royal Astronomical Society