Нема плата за невакцинираните додека се во карантин, одлучија неколку германски покраини

Нема плата за невакцинираните додека се во карантин, одлучија неколку германски покраини

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Доколку вработениот мора да оди во карантин и не може да работи, тој сепак има право да добие надомест на плата според Законот за заштита од инфекција, без оглед дали е вакциниран или не. Но, некои германски покраини одлучија да го отстранат ова право за невакцинираните луѓе, а германскиот министер за здравство вели дека го оправдува овој потег.

Потегот доаѓа како зголемување на притисокот врз луѓето што одлучија да не се вакцинираат. Германската здравствена ковид-пропусница позната како 3Г-правило, со која се дозволува влез во затворени простории само за вакцинираните, прележаните или тестираните, и понатаму е во сила, а од 11 октомври невакцинираните ќе мора да си платат за ковид-тест.

Во меѓувреме, некои покраини им дозволуваат на бизнисите да го спроведуваат правилото за 2Г, дозволувајќи им пристап само на вакцинирани и прележани.

Досега две германски покраини најавија дека ќе престанат да плаќаат надомест за плата за невакцинираните што ќе треба да одат во карантин.

Во Баден-Виртемберг оваа промена на правилото стапува во сила од 15 септември, додека покраината Рајнланд-Пфалц планира да го воведе правилото од 1 октомври. И Хесен планира да не дава надомест за плата, иако не се знае кога точно ќе стапи во сила правилото.

Дали на невакцинираните треба да им се одземе платата додека се во карантин?


Министерот за здравство Јанс Шпан рече дека државите се слободни да одлучуваат за сопствените правила, но сфаќа зошто некои покраини се одлучуваат да не им даваат плата на невакцинираните што ќе одат во карантин.

- Не гледам зошто некој друг треба да плати ако граѓанинот не се одлучи за бесплатна вакцина кога има вакцини и може да се вакцинира - изјави министерот за здравство на Германија, Јенс Шпан.

Извор: Thelocal.de
Фото: Pixabay