Мадрид планира „етичка чистка“ на папагали
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Градскиот совет на шпанската престолнина Мадрид подготвува план за чистење на градот од, како што велат, досадните папагали, што ќе вклучи и „етичко убивање“ на птиците и стерилизација на јајцата.
Папагалите од видот Myiopsitta monachus се домородни во Јужна Америка, но се чуваа како миленици во Шпанија пред поседувањето да стане илегално во 2011 година.
Многу од папагалите избегале или биле ослободени од заложништво и сега се многубројни во Мадрид, како и во многу други области во Шпанија. Популацијата на овие папагали во парковите во Мадрид за само три години се зголемила за 33 отсто, од 9.000 во 2016 на 12.000 во 2019 година, покажуваат податоците од шпанското Друштво за оринтологија. Во 2005 година во Мадрид имало околу 1.700 вакви птици.
Како што расте популацијата, така растат и проблемите. Птиците, кои во Шпанија се сметаат за инвазивен вид, се бучни, нечисти и ги вознемируваат локалните жители, кои оваа година веќе поднеле 197 жалби за птиците, додека минатата година бројот на жалби изнесувал 209.
Птиците исто така градат гнезда кои може да тежат и до 200 килограми, што може да биде закана за граѓаните, истакнаа властите. Се смета дека овие птици се закана за биодиверзитетот во градот поради конкуренцијата за храна и оштетувањето на вегетацијата додека ги градат гнездата.
Иако нема потврдени случаи, советот предупреди дека птиците може да бидат закана за здравјето на луѓето бидејќи може да пренесат птичји грип, салмонела или пситакоза. Сантијаго Сорија, челник на Службата за биодиверзитет и попис на стока при советот, истакна дека целта не е да се елиминира целата популација на папагали, туку дека без интервенција таа ќе продолжи да
расте.
Мадрид не е единствениот шпански град кој има проблем со птици. Јужните градови Малага и Севилја исто така предложија мерки за убивање папагали. Но, таквите потези наидоа на противење од групите за права на животните, кои велат дека бројките може да се контролираат преку несмртоносни методи, како контрацепција.
Минатата година локалните власти во југозападниот пристаништен град Кадис изготвија план за фаќање и релоцирање на околу 5.000 гулаби што им пречеа на локалните жители.