Колумна на Убавка Бутлеска: Сите сме во иста каша – и наставниците, и родителите, и учениците
Само ако овозможите здрави односи, добри рутини и отпорност кај децата и кај возрасните, мозокот ќе се развива, ќе учи, квалитетно ќе работи. Во спротивно, училиштето само ќе го зголеми и продлабочи веќе постојниот стрес.
А дали ова е присутно во нашите училишта откако се вративме во нив, било да е со физичко присуство било на далечина?
Автор: Убавка Бутлеска, училиштен педагог
Дали ќе претераме ако кажеме дека изминативе месеци беше и сè уште е ужасно: пандемијата ги измести нашите животи, станавме изолирани, фрустрирани и нетрпеливи, па дури и осамени, депресивни, несигурни.
Како тогаш да бараме и да очекуваме децата што се вратија во училиште веднаш да се приспособат на наставните програми и да седнат да учат и да пишуваат домашни.
Одамна е докажано и се знае како реагира мозокот на стрес и како тој се одразува врз деловите од мозокот кои управуваат со учењето и помнењето, со вниманието и концентрацијата, па нема пак да се повторуваме. Но, исто така е докажано и како нашиот мозок знае да се поврати од стресот со помош на доверба, сигурност, смиреност и предвидливост.
Состојбата кај сите инволвирани во воспитно-образовниот процес (ученици, наставници, родители), било да се работи со физичко присуство било на далечина, е слична: секојдневна несигурност, нетрпеливост, огорченост, страв.
Како да им се помогне? Решението е веќе познато, не мора да го смислуваме, треба да се потрудиме да го примениме. Мозокот треба да биде смирен за да може да учи, да работи, да љуби. Факторите што влијаат врз смиреноста на мозокот се: меѓусебните односи, рутината и отпорноста.
Убавка Бутлеска
Односите меѓу луѓето се градат преку запознавање, поврзување, разбирање, сочувство. Овој период тоа е особено важно, децата се среќни што се во училиште и разговараат со нас и другарчињата, па по цена и да носат маски и да се на далечина. Мислам дека и најмалите се свесни за ова и правилата ги почитуваат само за да не го загубат овој однос.
Поставувањето на рутините што ќе даваат сигурност и поддршка се гради преку воспоставување јасни, недвосмислени и доследни упатства кои прво се почитуваат од возрасните како пример за децата. Секој сака ред, јасни упатства, правила кои се почитуваат, тоа создава сигурна средина за сите. Рутините го намалуваат стравот и овозможуваат смиреност.
Отпорноста, пак, се гради доколку им се излезе во пресрет на емоционалната состојба и потребите и се дават насоки, одговори и примери кои помагаат да се научи како да се управуваат и регулираат чувствата.
Само ако овозможите здрави односи, добри рутини и отпорност кај децата и кај возрасните, мозокот ќе се развива, ќе учи, квалитетно ќе работи. Во спротивно, училиштето само ќе го зголеми и продлабочи веќе постојниот стрес.
А дали ова е присутно во нашите училишта откако се вративме во нив, било да е со физичко присуство било на далечина?
1. Додека наставниците, секој со својата совест и свест, се трудат и најголемиот број од нив го прават ова со децата и покрај наметнатите, дел и бесмислени, обврски, поддршката за нив е слаба, конфузна и недоволна. Имено, тие ова мора да го прават надвор од она што им е дадено како наставна програма, која и онака беше преобемна и пренатрупана само со академски знаења и вештини.
Поддржете ги наставниците, овозможете им сигурност, позитивно размислување, само тогаш ќе бидат во комотна позиција да им дадат поддршка на своите ученици. Учениците брзо ги препознаваат овие карактеристики кај своите наставници и поради тоа ќе се чувствуваат смирени и сигурни, а тоа пак ги прави подготвени за учење.
2. До сите институции поврзани со образованието: променете ги барањата во наставните планови и програми согласно новонастанатите услови. Наставните програми содржат очекувани резултати за секое одделение, но и обично, а особено во вакви услови не постои единствен рецепт за времето во кое тие треба да се реализираат – разликите во секое училиште, паралелка, па и дете се големи. Секој наставник го знае согласно условите во кои работи, па оставете ги слободно да ги менуваат темпото, редоследот и роковите на наставните содржини.
Прифаќајќи дека работите се поинакви сега и дека нема потреба од наметнување нереални временски рокови, наставниците ќе им помогнат на учениците да го надминат стресот и тие ќе бидат поподготвени за учење.
3. Потребна е промена на односите меѓу училиштето и семејството. Да тргнеме од ставот „сите сме во иста каша“ и да го изградиме одново овој однос на ниво на меѓусебна грижа, партнерство и меѓусебна поддршка. Ова дефинитивно ќе им донесе благосостојба на децата.