Зошто ЦСЈ?
Дали знаете зошто Центарот за странски јазици – Скопје е единственото училиште кое толку долго опстојува и ја има водечката улога во својата дејност?
Во далечната 1954 е основано со цел јазично да го обучува македонскиот дипломатски кадар, а потоа и сите други што имале интерес или потреба од тоа. Оттогаш, низ сите овие 70 години постоење, ЦСЈ успешно ги следи, користи и им ги пренесува на своите слушатели најсовремените и најдобри методи за учење странски јазици, помагајќи им притоа да се надградат професионално и да се здобијат со меѓународно признаени јазични сертификати.
Горди сме што сме успеале низ годините да оставиме видлива и впечатлива трага и сѐ уште да го задржиме реномето на најуспешни и најпрофесионални во дејноста која ја работиме.
Центарот за странски јазици е секогаш првиот избор на нашите слушатели од причина што нудиме услуги кои ги приспособуваме согласно нивните потреби. Им овозможуваме на едно место да посетуваат групна или индивидуална настава, да се подготвуваат за испити и да се здобијат со меѓународно признаени сертификати за студирање, вработување или престој во странство (IELTS). На институциите и компаниите им нудиме можност да ги подобриме и надградиме јазичните вештини на нивните вработени, како и да се стекнат со сертификати признаени од македонските институции (Аптис, испити по ЗЕР (Заедничка европска рамка), активно познавање на странски јазик).
Нашата мисија низ годините
ЦСЈ започнува со работа во 1954 година како Курс по англиски јазик кој е формиран од тогашниот Совет за просвета на Република Македонија. Курсот броел само 80 слушатели (дипломати и претставници во странство) и имал цел да ги подготви кандидатите за понатамошно усовршување во странство. Во наредните години се зголемува интересот и потребата за учење англиски јазик, а со тоа се зголемува и бројот на слушатели кои го посетуваат курсот.
Во 1957 година започнува со работа и Курсот по француски јазик, а во 1959 година и Курсот по германски јазик.
Зголемениот број на јазици што се изучуваат го иницира формирањето на Центарот за странски јазици во 1965 година. Новоформираната институција ги продолжува основните задачи и цели, но ги проширува и со нови задачи и активности:
• да организира настава за учење странски јазици
• да истражува современи форми и методи за изучување странски јазици
• да соработува со училишта и други образовни установи
• да подготвува специјализиран кадар за изведување настава по странски јазици
• да оценува знаење на странски јазици и да издава потврди
Во 1966 година ЦСЈ ги отвори и првите детски курсеви по англиски и француски јазик, а во следните години и германски јазик. Овие курсеви станаа редовни и најпосетувани до денешен ден.
Во 1989 година, со голема поддршка од Француската Амбасада, во Центарот се отвори француска градинка за деца на возраст од 4 и 5 години. Престојот на децата во градинката беше збогатен со четиричасовно целосно комуницирање на француски јазик.
Додека денес учењето на странски јазици од многу мала возраст е нешто вообичаено, порано тоа не било практика, па така во 1992 година Центарот експериментално започна со воведување курс по англиски за деца од 5 и 6 години, со тоа и најмладите добија можност низ игра да учат странски јазик.
Во своето седумдесетгодишно постоење и плодна работа ЦСЈ оствари успешна соработка со многубројни образовни, меѓународни, економски и други институции и субјекти, за што сведочат многубројните награди и признанија. Меѓу нив да ги споменеме: катедрите за странски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје, Бирото за унапредување на образованието, Британскиот совет, Гете институтот, Францускиот културен центар, УНИЦЕФ, Институт Отворено Општество, амбасадите на САД, Велика Британија, Австрија, Франција, Швајцарија, Италија и многу други.
Нашите професори
Тимот на професори при Центарот за странски јазици е внимателно избран. Се работи за професионален и стручен кадар кој како меѓусебно така и заедно со директорите за настава постојано соработува со цел да се имплементира наставата на највисоко можно ниво. Професионалниот пристап, примената на најразновидни наставни методи и стратегии се само дел од она што го прави овој тим посебен и единствен.
Едно е сигурно - ние, во Центарот за странски јазици, ја сакаме нашата работа и ја сфаќаме многу сериозно, кон неа пристапуваме одговорно и професионално, а секој што одлучил да ни ја подари довербата е добредојден и нема да биде разочаран.
Нашите достигнувања
Достигнувањата остварени во текот на изминатите 70 години постоење се навистина многубројни и значајни не само за нашето училиште, туку и општо, за подигнување на нивото на изучувањето странски јазици во државни рамки. Овде издвојуваме само дел од поважните: ЦСЈ прв ги воведе и администрираше Кембриџ испитите во Македонија (1990-1996). Исто така, беше LCCI испитен центар (2006-2015), како и акредитиран центар на Гете институтот и администратор на неговите испити (2007-2016). Пред да бидат достапни странски учебници, Центарот имаше сопствена издавачка дејност за учебници по македонски и англиски јазик, а од 2004 прв го воведе Европското јазично портфолио за своите курсеви и испити. ЦСЈ е еден од основачите на Елтам (English Language Teaching Association of Macedonia) и Макс – асоцијација за квалитетот во настaвата по англиски јазик. Сме соработувале со голем број важни институции, како што се факултетот „Блаже Конески“-Скопје , универзитетот Американ Колеџ Скопје – УАКС, странски универзитети од Питсбург, Мичиген и Индијана, како и амбасади, министерства, компании и други организации. ЦСЈ повеќепати учествуваше во програмата Еразмус+, остварувајќи соработка со колеги од цела Европа, а беше и домаќин на првата job shadowing пракса реализирана во Македонија во рамките на јазичното образование за возрасни.
Партнерство со Британскиот совет - потврда за нашиот квалитет
Од септември 2022 година Центарот за странски јазици во партнерство со Британскиот совет редовно ги изведува испитите IELTS (International English Language Testing System), Aptis и ACCA (The Association of Chartered Certified Accountants).
Долгогодишната традиција во областа на јазичните курсеви и изведувањето меѓународни испити и врвната професионалност беа причина Британскиот совет да го назначи токму Центарот за странски јазици за единствен испитен центар во Македонија за овие испити. Со тоа, Центарот уште еднаш доби потврда за својот квалитет во работата и посветеноста.
Нашата визија за следните години
ЦСЈ ќе продолжи да го следи трендот во областа на јазичното образование така што секогаш ќе се труди да вклучува и имплементира современи методи во наставата. Професорите во Центарот се свесни за општествените промени кои се случуваат во сите сфери од животот, вклучувајќи ја и наставата. Токму затоа, Центарот секогаш е во тек и ги следи потребите и интересите на новите генерации, новите трендови и промените во наставата кои доаѓаат со нив. Овој прогресивен пристап ќе обезбеди ЦСЈ да остане лидер во јазичното образование.
(Комерцијална објава)