Лилјана Трајковска-Димевски, диригент на најстариот мешан хор во Македонија: „Никој веќе нема предрасуди да му диригира жена, но ја нема возбудата кај луѓето да пеат во хорови“

Лилјана Трајковска-Димевски, диригент на најстариот мешан хор во Македонија: „Никој веќе нема предрасуди да му диригира жена, но ја нема возбудата кај луѓето да пеат во хорови“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Заврши хорско диригирање во класата на маестро Саша Николовски-Ѓумар, се стекна со искуство за пеење и учеше од диригентката Летка Димовска-Полизова, која го води женскиот хор „Св. Злата Мегленска“, а од пред четири години застана на местото на диригентот Љубо Трифуновски - на чело на еден од најнаградуваните хорови во државата.

Веќе четврта година таа диригира со мешаниот хор при Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола, кој има најдолга традиција во Македонија и годинава слави 80 години постоење. Ова е еден од најпознатите и најнаградувани македонски хорови чии витрини се тесни за сите добиени награди и признанија, голем дел меѓународни. Професорката по хор и диригирање Лилјана Трајковска-Димевски дојде на диригентското место по реномирани композитори-диригенти кои го водеа овој ансамбл во изминатите осум децении. Прв на диригентското место застанал Тодор Скаловски, на првиот настап на хорот два дена по ослободувањето на Битола, на 6 ноември 1944 година. Борците на Седмата македонска ударна бригада, сакајќи што побрзо да се чуе слободна македонска песна, на плоштадот во Битола и под негово диригентство приредиле музичка програма со хорски композиции. Оттогаш до ден-денес хорот работи без прекин, а голем придонес за неговата афирмација даде долгогодишниот диригент Љубо Трифуновски, чиј наследник сега е Трајковска-Димевски.



- Застанав пред мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“ во 2021 година, за жал, во услови на пандемија, па некако со препреки ја стартував мојата кариера како наследник на Трифуновски. Но, со една голема желба и мисија да напредуваме заедно, да не замре овој ансамбл, кој е еден од најстарите во државата, се изборивме и покрај сите забрани и рестрикции - вели диригентката.

Штом почнеме со проба, забораваме на уморот

Уште како девојка беше дел од младинскиот хор при КУД „Стив Наумов“ и тогаш кај неа се јави љубовта кон хорското пеење.

- Поканата да го заменам претходниот диригент и да продолжам да работам со хорот дојде многу неочекувано, на мое големо изненадување. По сугестија на долгогодишни хористи, мои драги професори, колеги, Трифуновски се согласил јас да го наследам. Кога ја имавме првата средба со него, тој ми призна дека само во мене гледал потенцијал дека ќе работам со голема љубов и пожртвуваност со хорот. Еве нѐ денес, по три и пол години, успешно соработуваме и се надградуваме со моите хористи - вели Трајковска-Димевски.

Под нејзино водство мешаниот хор има реализирано многу целовечерни концерти, има нова програма, освоени награди и остварени гостувања на натпревари, фестивали, манифестации.

- Во нашето друштво во моментов работи мешаниот хор и мандолинскиот оркестар. Проби одржуваме два пати во неделата, а понекогаш поради подготовки, секој работен ден. Верувајте дека колку и да ми е исполнет денот со активности, дома, на работа, штом почнеме со проба, се заборава секој умор и активни сме и позитивни сите заедно. Јас ја работам работата што ја сакам.



Жени диригенти има повеќе од порано

Во Македонија диригентството не е машка професија. Има жени диригенти повеќе од порано.

- Среќа во несреќа е што работам и творам во ова време. Среќа бидејќи никој не гледа со предрасуди кон жена диригент, а несреќа бидејќи ја нема таа возбуда кај луѓето да пеат во хорови, па оттаму и овој намален капацитет кај хорските ансамбли, а најмногу кај машките гласови. Уште како студент ми беше предизвик да застанам пред голем ансамбл, голем аудиториум да ме следи. Не се плашам да водам, прифаќам сугестии и ми беше предизвик да работам тоа што го учев, а го учев од најдобрите. Завршив хорско диригирање во класата на маестро Саша Николовски-Ѓумар, од него го усовршив знаењето, а собирав искуство и пеев и учев од жена диригент Летка Димовска-Полизова, која го води женскиот хор „Св. Злата Мегленска“, вели Трајковска-Димевски.

Како девојче сама се пријавила да учествува на детскиот фестивал „Си-До“

Љубовта кон музиката ја носи од мали нозе. Родителите ѝ се музички образовани. Музиката во нивниот дом била секојдневно опкружување. Се пеело за разни пригоди. Прослави, собиранки со пријателите, па и при патувања со автомобил. Лилјана како мало девојче заедно со другарчињата од улицата организирале фестивали по дворовите.

- Иако моите родители се музички потковани и блиски со музичарите во Битола, никогаш не инсистираа да настапувам. Но, јас самата во 1993 се пријавив на аудиција за детскиот фестивал „Си-До“. Кире Костов беше воодушевен и веднаш ме пушти понатаму низ селекцијата. Во тоа време фестивалите беа сериозна работа, аудиции, селекција. Ми ја додели песна „Стрипови“ во негов аранжман. Потоа растев и созревав, се пријавував и пеев на тинејџерските фестивали во Битола и Прилеп.



По пет години во нижо музичко, наставничката сметаше дека сум немузикална

Во нижо музичко училиште се запишала на седумгодишна возраст, кога наставници од школото ја откриле нејзината музикалност.

- Без разлика што ние дома имаме концертен клавир, многу стар инструмент, дотогаш ниту сум размислувала ниту родителите форсираа да се запишам во нижо музичко. Но, таа средба со наставниците направи пресврт во моите размислувања. Тргнав на мои 7 години. Се школував до 12 години, не го дозавршив бидејќи тогашната наставничка сметаше дека сум немузикална - вели таа.

Но, тој нечиј став, гледано од сегашен аспект, сосема неоправдан и нереален, за среќа, не ја оддалечил од музиката. Се запишала во средно музичко училиште. И потоа сѐ течело лесно како песна - талентот, работата, дипломирањето на Факултетот за музичка уметност, а и големата љубов и желба ја довеле до она што денес е - професионален музичар и хорски диригент.

- Со работа во средното музичко училиште во Битола започнав по дипломирањето. Местото за мојот предмет остана без професор и директорот, мој дотогашен професор, Јонче Кузевски ми се јави и ме побара веднаш. Во државното музичко училиште работам од 2007 година, предавам стручни предмети, хор, диригирање, свирење хорски партитури, познавање хорска литература и подготовка за водење оркестри - раскажува Трајковска-Димевски.



Ги учам учениците да вежбаат и да бидат упорни

Во овие 17 години посветена работа се има сретнато со многу ученици - музикални, талентирани, вредни, амбициозни и секогаш спремни за голема одговорност.

- Во нашата работа, ние музичарите велиме дека не е доволно да си само музикален и талентиран, секако, тоа е на прво место, но работата, вежбањето, упорноста е тоа што е потребно за еден музичар да се надградува и да постигнува повисоки цели низ годините на созревање и учење. Тоа се и советите што често им ги повторувам на моите ученици - вели Трајковска-Димевски.

Фото: приватна архива