Дали знаете дека Лондон е најголемата урбана шума во светот?

Дали знаете дека Лондон е најголемата урбана шума во светот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Лондон е шума. Буквално. Повеќе од една петтина од главниот град опфаќаат дрвјата.

Понекогаш се чини дека единственото нешто што расте во Лондон се кулите од стакло, челик и бетон. Но, ако погледнете одблизу, ќе откриете нешто друго.

Овој главен град е полн со дрвја. Всушност, иако можеби не изгледа секогаш така, Лондон е толку полн со зеленило што технички е шума. Барем така вели дефиницијата на Обединетите нации според која, шумата е место каде што има најмалку 20 отсто дрвја. Лондон има 21 отсто.

Иако ова не значи дека е на исто ниво со Амазонија, може да се натпреварува со Шервуд и Њу Форест - места што се сметаат за прилично густи. Постојат 8,4 милиони дрвја низ главниот град, речиси по едно за секој од 8,6 милиони лондонци.

Вратете се неколку века назад - Лондон бил помал град опкружен со село, вклучувајќи и големи области на шумски предели. Она што денес е аеродромот „Хитроу“ некогаш било мал агол во огромниот пејзаж од дрвја и трева што се протегал од Ханслоу до Хилингдон.

Голем дел од шумската територија може да се пофали со стари и карактеристични дрвја.

suma
Фото: Shutterstcok


Но, тоа не е вистинската шума што го прави Лондон шума, тоа е сè друго. За разлика од некои други градови, на пример, Париз, Лондон има богатство од дрвја и зеленило токму во срцето. Хајд парк или Ренегт парк, Хемпстејд Хит, Ричмонд парк и Клафам Комон. Потоа тука е земјиштето околу имотите, приватните градини, плоштадите, 900.000 улични дрвја. Всушност, неверојатни 47 проценти од овој град се составени од зелен и син простор.

Растенијата што ја сочинуваат урбаната шума во Лондон се важни. Тие го впиваат загадувањето: азотните оксиди, амонијакот и сулфур диоксидот се апсорбираат преку нивните лисја, кората и корените. Исто така, тие помагаат во борбата против глобалното затоплување, апсорбирајќи го јаглеродниот диоксид и претворајќи го во јаглерод.

Но, влијанието на дрвјата врз нашата благосостојба е поголемо од тоа. Истражување објавено во јуни покажа дека само два часа престој во природа секоја недела значително го зголемува менталното и физичкото здравје кај луѓето. Тука спаѓаат и кратките патувања до парковите - и тие можат да го зголемат расположението на луѓето до четири часа подоцна.

Секоја лондонска област има одделение одговорно за дрвјата во нејзините паркови и улици. Некои од нив се подобри од другите.

- Секогаш бараме места да засадиме повеќе дрвја - вели Грег Пакман, постар инспектор за дрвја во Ислингтон и урбан шумар кој работи во најгусто населената област во Лондон. Неговата работа вклучува одржување на постојните дрвја и засадување нови. Како резултат, Ислингтон успеал да создаде 25 отсто крошна на дрвјата и покрај тоа што има помалку паркови од повеќето општини. Пакман сака и жителите да имаат активна улога.

- Потребни се повеќе можности за јавноста да се вклучи во грижата за дрвјата.

Запомнете: од малото парче зелена површина пред вашата зграда до градината зад вашиот локален паб, природата низ градот помага за создавање успешен екосистем кој помага во одржувањето на нашите животи. Лондон е шума и време е да им се оддаде почит на дрвјата.