Се сеќавате на куќите што чинеа само едно евро? Овие луѓе купиле по една

Се сеќавате на куќите што чинеа само едно евро? Овие луѓе купиле по една

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во изминатите неколку години голем број помали места во Сицилија, во надеж дека ќе привлечат поголем број жители, дале понуди што заинтересирале многумина. Имено, иако звучи прилично неверојатно, луѓето можеле да купат куќа по цена од едно евро.

Морган Гухот е од област близу Нанта, Франција, и еден од првите купувачи на куќите по едно евро во Мусомели, преубав град во срцето на Сицилија.

Повеќето договори што се склопуваат со купувачите ги обврзуваат да вложат во реновирање на куќите, па Морган и сопругот не губеле време и веднаш се фатиле за работа.

Речиси целосно го завршиле реновирањето на куќата од 50 квадрати.

- Треба да ја завршиме бањата. Бидејќи и двајцата се занимаваме со оваа работа, сè направивме сами, па беше прекрасно кога видовме како нашата двособна куќа повторно заживува. Терасата од 15 квадрати нуди поглед кон целиот град, неверојатно е - рече таа.

Куќата во Сицилија ќе им биде дом во текот на празниците и во летниот распуст.

kuki
Фото: Pixabay


- Кога одлучивме да инвестираме во друга куќа, нè привлекоа атрактивните поволни цени во Мусомели во споредба со недвижностите во Франција, но она што нè освои кога првпат дојдовме тука беше шармот на ова место. Преслатко е и мештаните се многу љубезни - наведува таа.

Иако и сами доаѓаат од едно рурално место недалеку од Нант, Мусомели е многу помирно место.

- Градот е блиску до преубави дестинации и не е изолиран како другите места. Овде имате сè што ви е потребно - додава новата сопственичка на куќа во овој град.

За нив двајцата немало непријатни изненадувања. Биле упатени во сè што било потребно, а се надеваат дека еден ден оваа куќа ќе им биде рај, кога ќе одат в пензија.

Инаку, во ова место на продажба се и зградите, па така белгискиот бизнисмен Патрик Јансен потрошил 10.000 евра на 25 години стара зграда во лоша состојба. Во реновирањето вложил повеќе пари.

- Луѓето во Белгија не се одмараат. Животот тука е многу поедноставен, градот е удобен и опкружен со природа. Совршен е за полнење на батериите и за детоксикација - вели тој.

И сицилискиот град Камарата бесплатно нуди напуштени куќи за да се спаси од депопулацијата. Градоначалникот Винченцо Џамброне во последните три години се обидува да ги убеди сопствениците што одамна ги напуштиле семејните куќи бесплатно да ги предадат.

Постојат неколку услови за овие „бесплатни“ куќи:

1. Купувачите мора да се обврзат дека ќе ги реновираат објектите во период од три години.

2. Кога добиваат куќа, тие треба да уплатат депозит од 5.000 евра, кои градот ќе им ги врати кога ќе заврши реновирањето.

3. Младите парови со деца имаат предност - паровите што ќе одлучат да живеат во Камарата, а имаат бебе, добиваат 1.000 евра бонус.

4. Новите сопственици може да претворат повеќекатница во приватна куќа, пансион, хотел, продавници, па дури и ресторан.