Ана Петровска: Да се поништуваат одобренија што не се усогласени со препораките на УНЕСКО за заштита на Охридското Езеро
Подготвил:
Елица Бочвароска
Додека сè уште бев во Министерството за животна средина беше поднесен елаборат за хостел на крајбрежјето на Лагадин. Моите колеги постапиле по Закон за животна средина и го одобриле елаборатот. Откако добив информација дека е одобрен елаборатот, а не е испочитуван планот, побарав преиспитување и го поништивме тоа решение, вели Ана Петровска, директор на Државниот инспекторат за животна средина
Заштитата на Охридското Езеро според препораките од УНЕСКО се одвива бавно. Досега само новите донесени урбанистички планови се во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство за Охридскиот Регион, кој беше усвоен во јануари годинава. Минатиот месец заврши и забраната за издавање градежни дозволи според постојните урбанистички планови, кои не се ревидирани согласно препораките од Планот за управување со кои треба да се заштити од уништување крајбрежјето на езерото.
Ана Петровска / Фото: Борче Поповски
Ана Петровска, директор на Државниот инспекторат за животна средина и претходен државен секретар во Министерството за животна средина, беше активно вклучена во изготвувањето на Планот. Таа вели дека голем проблем е што институциите не ја земаат предвид Конвенцијата за светско природно и културно наследство на УНЕСКО при спроведување на националните закони. Ако тоа не се промени, и на Инспекторатот ќе му бидат врзани рацете да постапува.
- Конвенцијата за заштита на светското природно и културно наследство ни укажува како да се грижиме за природното и културното наследство и таа мора да биде дел од нашите материјални закони, како што се Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање, Законот за природа, Закон за заштита на културно наследство. Ние сме ја примениле Конвенцијата во Законот за управување со светското природно и културно наследство, но тој стои како самостоен и е во колизија со другите закони. Па дури и во Законот за природа не го препознавам делот од УНЕСКО што нам како на Инспекторат за животна средина ни ги врзува рацете да постапуваме - вели Петровска.
Фото: Pixabay
Таа додава дека и самите градоначалници во вакви случаи ако издадат решение според препораките од Планот, а во спротивност со постојните урбанистички решенија, може да одговараат. Според неа, институциите имаат обврска да ги усогласат и законските решенија и урбанистичките планови со Планот за управување, а во меѓувреме се бараат преодни решенија за да не се дозволи натамошно загрозување на езерото.
- Работата е сериозна и тоа може многу брзо да се промени, но потребна е политичка волја за да се синхронизираат законските и урбанистичките решенија со препораките од УНЕСКО. Но, сега имаме пандемија, економска криза и, за жал, многу работи не ни одат во прилог. Не барам оправдување, но клучна е политичката волја и да се задолжат надлежните институции итно да си ги реализираат обврските - вели Петровска.
Таа како пример посочува дека летово благодарение на мораториумот за издавање нови дозволи, успеале да поништат издаден елаборат за градба кој не бил во согласност со препораките од Планот за управување со светското природно и културно наследство за Охридскиот Регион.
- Додека сè уште бев во Министерството за животна средина беше поднесен елаборат за хостел на крајбрежјето на Лагадин. Моите колеги постапиле по Закон за животна средина и го одобриле елаборатот, не земајќи го предвид Планот за управување со светското природно и културно наследство, со кој е забрането нови градби на крајбрежјето додека да се донесе нов план за крајбрежјето на целото Охридско Езеро. Откако ја добив информацијата дека е одобрен елаборатот, а не е испочитуван планот, побарав преиспитување и го поништивме тоа решение. Тоа беше преседан бидејќи беше прво поништено решение - вели Петровска.
Фото: Pixabay
Таа е свесна дека има многу критики за сè што е изградено на крајбрежјето на езерото, легално или дивоградба, но од некаде мора да се почне. Пресудно е во иднина да не се издаваат решенија спротивно на планот за управување.
- Примерот за поништеното решение е дел од тие мали и скромни чекорчиња, бидејќи ако со урбанистичките планови е дозволено плус 5 ката висина и 70 отсто изграденост, тоа е во спротивност со Планот за управување со кој за различни зони е предвидена различна катност и степен на изграденост. Катноста сме ја определиле според конфигурацијата на теренот, потоа да се даде архитектонско обликување на објектот, а не да се прави нешто надвор од архитектонскиот урбанистички концепт - вели Петровска.
УНЕСКО најави дека ако не се спроведат препораките за заштита на Охридското Езеро, тоа може да го загуби статусот на заштитено светско природно и културно наследство, а научниците пак предупредуваат дека поради досегашната негрижа и со градбите на самиот крајбрежен појас, загрозени се и ендемичните видови организми што живеат во езерото.