Британската влада го одобри контроверзниот план за изградба на тунел под Стоунхенџ
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Британската влада го одобри контроверзниот план за изградба на тунел со четири ленти за автопат под локалитетот Стоунхенџ, кој е прогласен за светско наследство. Тунелот ќе биде долг 3 километри и неговите пристапи се дел од пакетот вреден 2,2 милијарди американски долари за надградба на тесниот автопат A303, кој е неверојатно блиску до камениот круг и одамна е познат по застојот.
Oдобрението дојде и покрај силните приговори од сојузот на археолози и екологисти, кои сметаат дека ова место е свето. Но, поддржувачите велат дека тунелот ќе го врати пределот во првобитната состојба и ќе го подобри искуството на посетителите, чија бројка надминува 1,6 милион туристи.
- Посетителите ќе можат да го доживеат Стоунхенџ како што треба да го доживеат, без да го гледаат метежот во сообраќајот веднаш до него - вели Ана Евис, директорка на „Инглиш херитеџ“, организација што се грижи за повеќе од 400 историски споменици низ Англија, вклучувајќи го и Стоунхенџ.
- Луѓето забораваат или не сфаќаат дека Стоунхенџ е повеќе од само круг на камења. Станува збор за предел. Овој проект повторно ќе го направи место за пешачење. Посетителите ќе можат да им се приближат на камењата од југ, без да се обидуваат да го преминат автопатот - додава таа.
Противниците тврдат дека проектот за тунел може непоправливо да му наштети на античкиот пејзаж, кој и понатаму е полн со изненадувања. Минатиот јуни, откривањето на 20 длабоки шахти распоредени во огромен круг во близина на локалитетот ја принуди владата да ја одложи одлуката за проектот за уште четири месеци, додека се процени откритието.
- Далечинското набљудување направи револуција во археологијата и го трансформира нашето разбирање за античките предели - дури и Стоунхенџ, место за кое мислевме дека добро го знаеме - вели Винс Гафни, археолог за пејзаж на Универзитетот во Брадфорд.
Фото: Freepik
- Никој не знаеше дека шахтите се таму. Тоа ме тера да се запрашам што друго не знаеме? - додава тој.
Првично патека од 18 век меѓу Лондон и Ексетер, автопатот А303 еволуира и стана една од главните „артерии“ кон југозападот на Англија. Покрај посетителите на Стоунхенџ, на автопатот има голем сообраќај од камиони и патници што одат кон крајбрежните дестинации во Корнвол и Девон.
- Патот никогаш не беше дизајниран за нешто слично на овие нивоа на сообраќај. Тие со текот на годините ги подобруваа неговите делови одделно, проширувајќи ги на автопати со четири ленти, но протегањето околу
Стоунхенџ секогаш беше незгоден дел. Никој никогаш не се согласи што да се направи со тоа - вели Том Форт, автор на „Автопат кон сонцето“, историја за А303.
Низ децениите биле дадени повеќе од 50 различни предлози за решавање на сообраќајниот проблем. Идејата за тунелот првпат била предложена во раните 90-ти години и неколкупати била разгледувана, но секојпат била отфрлана поради високите трошоци.
Одобрениот план ќе го прошири автопатот на четири ленти кога ќе се приближи до Стоунхенџ, а потоа ќе се спушти под земја во тунел долг три километри.
Но, сојузот на противници на тунелот, вклучувајќи ја и Кампањата за заштита на рурална Англија, ја повикува владата да го преиспита планот.
- Ако се смета дека проширувањето на А303 кај Стоунхенџ е од суштинско значење, треба да се направи со длабок тунел долг најмалку 4,5 километри. Сè што е пократко ќе предизвика непоправлива штета на овој пејзаж, кршејќи ја Конвенцијата за светско наследство - пишува во нивната петиција, потпишана од 150.000 луѓе.
Извор:
National Geographic
Фото: Freepik