Зошто „паѓаше“ националната платформа за онлајн-настава, објаснуваат инженерите од ФИНКИ

Зошто „паѓаше“ националната платформа за онлајн-настава, објаснуваат инженерите од ФИНКИ

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека најголем дел од јавноста очекуваше нов, штотуку отпакуван и сјаен компјутер кој совршено функционира, 6-7 инженери со поддршка од триесетина национални обучувачи деноноќно ги ловеа грешките во комплексниот систем кој успеаја да го конструираат за многу кратко време

Наставниот процес со далечинско учење тече непречено од првиот ден на учебната година благодарение на модуларноста на системот кој го поставивме, вели д-р Боро Јакимовски, вонреден професор и продекан за наука и соработка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Одредени функционалности може да се активираат и да се користат („Мајкрософт тимс“ и структурата за паралелки, тимови, корисници и најава која континуирано ја ажурираме), додека на другите модули сè уште се доработува, објаснува тој.

Интегрираниот систем е толку добар колку што е добра неговата најслаба алка - вели Јакимовски.

Ова е наједноставната реченица која сублимира сè што се случуваше во заднина кон крајот на септември и првата половина од октомври, кога во услови на пандемија на Ковид-19 учебната година почна со настава претежно преку новата национална платформа за настава од далечина. Додека најголем дел од јавноста очекуваше нов, штотуку отпакуван и сјаен компјутер кој совршено функционира, 6-7 инженери од ФИНКИ со поддршка од триесетина национални обучувачи деноноќно ги ловеа грешките во комплексниот систем кој успеаја да го конструираат за многу кратко време. Сега, откако платформата е иницијално стабилизирана, тие имаат 15 минути за здивнат (иако сè уште интензивно работат на оптимизации), па дел од тимот детално објаснува зошто платформата „паѓаше“.

Проф. д-р Боро Јакимовски / Извор: Youtube (24.мк)

Тие имаат искуство со релативно големи системи и затоа за кратко време успеаја да го постават системот на националната платформа. Сепак, со специфичен систем од овој тип, со околу 300.000 корисници, досега не работеле. Јакимовски објаснува дека во текот на обуките пред семестарот сè функционирало беспрекорно - системот издржал обуки со 25.000 наставници.

- На почетокот кога имавме околу 25.000 корисници (сите наставници од основните и средните училишта), како и за време на нивната обука, сите елементи функционираа добро и ние бевме уверени дека кога ќе се појави потреба за скалирање, тоа едноставно ќе го постигнеме со додавање повеќе апликативни сервери, сервери со бази на податоци и сервери за балансирање на оптоварување. Сепак, се покажа дека голем дел од системот не може реално да се тестира за работа во работни услови сè додека тие работни услови не се постигнат, барем до некоја мера - вели тој.

Како изгледаат работните услови

Владислав Бидиков, систем-инженер, советник во одделението за ИКТ на ФИНКИ, објаснува дека при секојдневна работа, особено кога станува збор за систем кој функционира јавно на интернет, нормално е да се очекува дека ќе биде подложен на одреден вид „тестирање“ од добронамерни и не така добронамерни корисници, како и надворешен фактор.

- Пред почетокот на учебната година имаше закажано неколку пробни пуштања во употреба, од каде што требаше да се извлечат податоци за тоа колку и каде ќе треба да се додадат ресурси, дали ќе биде потребно да се постават нови сервери, како да се организира врската помеѓу различните сервери кои ја опслужуваат платформата. Она што не го очекувавме или барем не во толкава мера беа нападите кои беа изведени како таканаречено „Оневозможување на услугите“ (Denial of Service – DOS). Тие не само што се повторуваа секој ден, понекогаш и повеќе пати, туку имаше и такви што беа несекојдневни, какви што не сме забележале во практика. Првите денови, пред и по 1 октомври, се занимававме со ублажување и на крајот справување со нападите што ја отежнуваа нормалната работа, а на моменти ја правеа и невозможна - вели Бидиков.

Како се справуваа со нападите

Тој објаснува дека поврзувањето со интернет во дата-центарот на ФИНКИ се изведува на повеќе начини - преку повеќе интернет-провајдери. Фокусирајќи се системот да биде што е можно подостапен за наставниците и учениците, го поставиле да биде достапен преку два такви провајдери, едниот македонски, а другиот интернационален, достапен за сите универзитети во Македонија.

- Освен тоа, ФИНКИ подолго време работи и на локално поврзување со сите македонски оператори на Internet Exchange (IXPMK), што особено се забрза во почетокот на март оваа година, со појавата на ковид-кризата и во Македонија. Речиси сите домашни оператори промптно го прифатија нашиот повик и се поврзаа директно со нашиот дата-центар. На тој начин постигнавме сообраќајот кој ќе се креира кон и од националната платформа да остане во Македонија. Тоа, од една страна, ја подобрува врската помеѓу корисниците и системот, а од друга страна, ни помогна и кога почнаа нападите. Ние едноставно во тие денови го затворивме системот за пристап надвор од Македонија, оставајќи го системот достапен само за македонските корисници - вели Бидиков.

Владислав Бидиков

Сепак, поради природата на поврзувањето на сите компоненти на системот, морале да остават отворена врска со „Мајкрософт“, за што го искористиле интернационалниот провајдер.

- Бидејќи станува збор за академска мрежа која ги поврзува повеќето високообразовни установи во Европа, нашиот универзитет како рамноправна членка беше во можност да побара помош при справување со нападите. Токму со оваа нивна помош успеавме да ги „скротиме“ и да ги видиме оние напади за кои претходно зборувавме. За нивната уникатност добивме потврда и од лицата задолжени за безбедност на оваа мрежа, кои ни укажаа на дел од нападите кои и самите многу ретко ги имаа сретнато во нивната професионална кариера. Покрај сето ова што се случуваше во тие денови, не смеевме да дозволиме настаните да диктираат дали наставата ќе започне на одредениот датум. Затоа тимот за поддршка од МОН реши да се активира делот за онлајн-настава, а останатите активности на платформата да бидат одложени на понатамошно тестирање, подобрување и фазно активирање кон генералната јавност - објаснува Бидиков.

Маките не запреа тука

Продолжиле со тестирања, кои поради неоптимални приспособувања не биле успешни од аспект на квалитетна поддршка на голем број истовремени корисници.
- Во изминатиот месец работевме напорно на лоцирање на можните тесни грла кои предизвикуваат застој во работата кога има поголем број корисници или други специфични околности. По тестовите во изминатиот период, платформата веќе целосно функционира и активно се користи. Секако, продолжуваме понатаму. Се работи за комплексен систем со многу делови кои треба да се усогласат, да се најде хармонија помеѓу сите. Мора да се пронајдат сите слаби алки. Ќе поправиме една, па ќе ја лоцираме следната најслаба. Тоа е макотрпен процес – да се лоцира дека нешто се појавува, да се пронајде каде, па да се открие зошто, па да се најде соодветно техничко решение и да се отстрани - објаснува Јакимовски.


Неопходно било да тестираат со многу повеќе ученици за да ги видат и лоцираат слабите алки. Денес има постојано најавени корисници со кои платформата функционира ултрабрзо, но сè уште се можни забавувања во одредени моменти и сплет на околности.
- Бидејќи се работи за многу функционалности овозможени во самата платформа, едно делче да не е оптимално, ќе ги забави другите делови. Затоа, сè поголемо и пошироко користење на платформата ќе нè доведе до лоцирање на сите можни проблеми што произлегуваат од обемот на корисници. Платформата функционира, сите делови работат, но обемот на корисници предизвикува нови ситуации - вели Јакимовски.

За новите ситуации

За време на третото тестирање лоцирале проблем со најавата на корисниците, делот од платформата кој го поставиле во „Мајкрософт“ (поточно Azure Active Directory), а кој се реализира со помош на сервисот OpenId Connect.
- Начинот на кој е извршена интеграцијата не предвидува алатката истовремено да ја користат голем број корисници. Затоа не можевме да бидеме свесни сè додека не се случи, решавањето на другите проблеми овозможи на виделина да излезе тој проблем - вели Јакимовски.
Повторно, со зголемувањето на бројот на корисници и предмети во системот морало да се прават дополнителни синхронизации.
- Сите дополнителни дејства - креирањето на групите и тимовите, доделувањето пристап на корисниците и најавите, кои се прават преку една пристапна точка во „Мајкрософт“, доведоа до тоа нивната вештачка интелигенција да „препознае“ дека станува збор за „напад“, па активира таканаречено „придушување“ (throttling). Овие наши сомнежи ни беа потврдени и во дополнителни разговори со инженерите од „Мајкрософт“. Тогаш решивме комплетно да го смениме пристапот со најавата, сега користиме таканаречена SAML2SSO најава, која користи други механизми и не ја оптоварува дополнително точката за пристап до „Мајкрософт“ - вели Јакимовски.

М-р Кирил Ќироски

На тој начин го решиле проблемот со најавата, но потоа се јавиле и други. Секое забавување, секој проблем е специфичен за себе и ги крие другите, па се разрешуваат еден по еден, објаснува м-р Кирил Ќироски, систем-инженер и советник во одделението за ИКТ на ФИНКИ. Инженерскиот тим има доста големо искуство со спроведени 50 до 100 инсталации на „Мудл“ за различни проекти - за факултети, банки, министерства, фирми. Но...

- Ова е платформа за учење. Не е проблемот колку корисници има регистрирано, може да се и милион, туку колку корисници наеднаш ќе имаат одредена активност. Замислете во едно училиште буквално сите деца од сите класови, наеднаш во 8 часот да влезат преку главната врата во училиштето. Што ќе се случи? Тоа што се случи и кај нас. Тоа е тесно грло. Ние, знаејќи дека платформата е робусна, оставивме сите да можат наеднаш да влезат за да тестираме дали некаде ќе направи проблем. Го дијагностициравме проблемот и работевме многу за што поефикасно да ги елиминираме тие тесни грла. Тоа е најтешкото = кога не знаете што да очекувате во даден момент, и кога и каде да го барате проблемот - вели Ќироски.

Искуствата на слични екипи во други држави

Интеграцијата на постојните системи на платформата е толку елегантно направена, што каква било промена во првиот систем се ефектуира во крајот на сите точки во рок од неколку дена, вели Јакимовски.
- Кога зборувавме со колегите од Бугарија, кај нив таква синхронизација прават двапати годишно. Ако ги нема податоците – ги нема, на следната синхронизација за половина година ќе се појават - вели тој.



Ќироски додава:
- Во нашиот систем на два дена се прави ажурирање на сите корисници бидејќи таков е начинот преку кој се креираат сметките во „Мајкрософт“. Буквално за секој корисник треба да се креира корисничка сметка, односно таа да се провери. Така на секое ново додавање, макар и на еден корисник, системот треба повторно да ги помине сите 280.000 корисници. Тоа трае. Кога им објаснивме на колегите од Бугарија што правиме, тие се насмеаја и рекоа: „Ако не ни дале добри податоци, им велиме – или сами додајте ги или почекајте 6 месеци, до следното ажурирање“ - раскажува Ќироски.
Инаку, во Бугарија системот почнале да го креираат 8 месеци пред почетокот на пандемијата.

Како се работи сега

Бидиков вели дека платформата е функционална, се користи и треба да се користи сè повеќе. Платформата не треба да застане тука. Веќе има барања за нови функционалности, специфики од некои нови предмети, опции, тестирања... Има готови компоненти со отворен код кои може да се инсталираат, но има и специфични работи кои треба да се испрограмираат од почеток.
- И да ја имаме совршената платформа и структура, таа да е совршено достапна и брза, ако на другата страна ги немаме училиштата, наставниците, нивните интернет-конекции и хардвер, децата дома и нивниот интернет, пак ќе се соочиме со проблем. Затоа, процесот треба да се гледа на двете страни. Платформата ќе биде џабе ако нема наставници кои градат добри соодветни материјали. Зашто не е исто предавање физички и онлајн. Не може да седите и само да слушате со саати што зборува наставникот. Секогаш треба да се земат сите аспекти и да се сфати дека ова е процес во изградба и се развива - објаснува Бидиков.

Пандемијата ги натера наставниците преку ноќ да се префрлат на онлајн-настава, што воопшто не е едноставно. Потребни се дополнителни обуки за користење на платформата и за концептите и методите на онлајн-наставата.
- Развојот на оваа платформа беше тимски напор од самиот почеток, од координаторот во МОН и екипата таму, преку националните обучувачи и сè до сите 25.000 наставници кои се снаоѓаат во новите околности и се трудат процесот да тече и да успее. Веруваме дека нештата се движат во вистинска насока благодарение на напорот на сите овие поединци - децидни се инженерите.