Патопис: Водопадите на Камењанска Река
Подготвил:
Дарко Оносимоски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Македонија крие многу убави места кои изгледаат како да се излезени од бајките. Во нив спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста. Мојот денешен викенд-предлог се Камењанските Водопади, кои имаат што да понудат за авантуристите, планинарите и љубителите на природните убавини.
Водопадите се атрактивни поради фактот што ретко каде во нашата земја можете да видите толку голем број водопади на мал географски простор, па оттука еден од куриозитетите за водопадите е нивниот голем број.
Осумте водопади на Камењанска Река се различни според височината и широчината, според многу посетители, последниот водопад е најатрактивен, но највисокиот водопад е седмиот, кој изнесува околу 12,5 m.
Никој не останува рамнодушен пред убавините на Камењанските Водопади, па со право можеме да ги вброиме како едни од најубавите на Шар Планина.
До водопадите се стигнува од селото Камењане, коe се наоѓа во Полошката Котлина, од десната страна на автопатот Тетово - Гостивар, селото Камењане е оддалечено од градот Тетово само 7 km.
Веднаш по пристигнувањето се упатуваме по коритото на Камењанска Река по асфалтиран пат, сѐ до излезот на селото во правец кон селото Јеловјане, а на самиот излез стојат информативни табли каде што по маркација благо се искачуваме и влегуваме во букова шума. Од излезот на Камењане до првиот водопад е потребно околу половина час пешачење. Пред првиот водопад има стара воденица, според кажувањето на жителите од селото, во минатото постоеле над триесет воденици кои го мелеле житото не само за жителите на Камењане, туку за потребите на голем број луѓе од Полошката Котлина. За жал, денес останала само една воденица на Камењанска Река за да сведочи за постоењето на воденичарската дејност во овој крај.
Веднаш по пристигнувањето до првиот водопад влегувате во еден сосема различен простор од оној што го познавате во урбаните средини, тука почнуваат да царуваат жуборот на реката и пеењето на птиците. Додека се движите по патеката каде што наизменично ги поминувате малите мостови и се искачувате по дрвените скали, цело време ваш придружник ќе биде свежиот планински воздух. Студената и кристално чиста вода што паѓа ви го мие лицето и ве освежува при самото приближување до водопадите.
До скоро време беше речиси невозможно да им се пристапи на водопадите. Немаше обележана патека и сигнализација, а теренот едноставно не дозволуваше да се посетат.
Денес до нив води прецизно обележана патека, па со малку кондиција во период од околу два часа може да се видат сите осум водопади.
Просторот по течението на Камењанска Река ќе ве обземе со својата убавина. Веднаш по пристигнувањето до првиот водопад почнуваат многубројните импресивни мали мостови и голем број дрвени скали со кои лесно ќе ја совладате височината.
Дрвените скали овозможуваат од различен агол да ги набљудувате и да ги фотографирате Камењанските Водопади. Мостовите и скалите се изградени од природен материјал и се вклопуваат во целиот амбиент.
Доколку имате авантуристички дух, над селото Камењане има ЗОО-парк, па ако сакате да ја задоволите љубопитноста, може да ги погледнете големиот број на животни.
Автор на текстот и фото: Дарко Оносимоски