Цените не пораснале во период од 500 години: Германска населба во која киријата чини 88 центи годишно

Цените не пораснале во период од 500 години: Германска населба во која киријата чини 88 центи годишно

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Цените на становите и куќите во метрополите низ светот и тоа како се зголемени, што поради пандемијата што поради кризата во која веќе е длабоко навлезен целиот свет.

Лудилото со цените на недвижностите се чувствува и во многу европски метрополи. Секој што барал стан во Берлин, Даблин, Париз и други големи градови знае колку е тешко.

Сепак, има и различни примери. Иако звучат како дел од рубриката „верувале или не“, тие се реалност. Станува збор за идиличната германска населба Фугереј, каде што цената за изнајмување стан не е променета од 16 век и изнесува 88 центи годишно.

Населбата од соништата се наоѓа во баварскиот град Аугсбург. Тој е и еден од најстарите градови во Германија, за што сведочи и неговото име: имено, бил основан по наредба на римскиот император Август како воен логор. Дури и тогаш овде живееле околу 10.000 луѓе, а подоцна станал еден од најголемите градови на Светото Римско Царство.


Градот бил центар на трговија, индустрија и производство на ткаенини, уметничка оаза за многу сликари и музичари, родно место на посебен рококо-стил наречен аугсбуршки стил, а неговиот систем за водоснабдување беше вклучен во списокот со светско наследство на УНЕСКО во Европа.

Сепак, иако просперитетен, градот имал и сиромашни граѓани. За нив се грижела влијателната и моќна банкарска фамилија Фугер, која во 16 век вложила пари во изградба на специјалната населба Фугереј за не толку богатите. Меѓу нив имало вдовици, бездомници и осиромашени занаетчии, но не и питачи.


За да станат жители на Фугереј, тие морале да исполнат неколку услови: да поминат најмалку две години живеејќи во Аугсбург, да бидат од католичка вероисповед и да имаат доказ дека не се обвинети за ништо. Интересно е што еден од жителите бил прадедо на славниот Моцарт, во чија чест денеска е поставена спомен-плоча.

Жителите на населбата ѝ плаќале годишна закупнина на фондацијата во износ од 88 центи, а освен тоа биле обврзани да се молат трипати дневно за членовите на семејството Фугер и да извршуваат активности во заедницата со скратено работно време. Големо значење се придавало на духот на заедништво и солидарност, што се чувствува и денес. Жителите си вршат услуги меѓу себе, си помагаат и се дружат.


Така, Фугереј стана најстарата социјална населба во светот. Но, за оние што би можеле да злоупотребат нечија добра волја, треба да се забележи: основниот принцип на помагање на жителите е да им се помогне на луѓето да си помогнат себеси. Така, кога луѓето ќе застанат на нога и ќе бидат во состојба да се иселат, тоа треба и да го направат за да им отстапат место на другите на кои им е потребно евтино место за живот.


Денес има околу 70 куќи, односно околу 150 стана. Површината на становите е околу 60 квадратни метри, а тие на приземје имаат и двор. Оваа населба е опкружена со ѕидини уште од средниот век и има пет порти кои до ден-денес се затвораат секоја вечер. Има и музеј и продавница за сувенири.


Доколку сакате да го посетите Фугереј, ќе треба да платите билет чија цена е четирипати повисока од изнајмувањето стан за цела година – така што ќе треба да потрошите 4 евра.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia