Работи што беа задолжителни во училиштата во Југославија, а за денешните деца се незамисливи
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Детството во поранешна Југославија по многу нешта се разликува од денешното. Во последно време технологијата зеде замав, па затоа децата се воспитуваат на поинаков начин. Во минатото децата се подготвувале за живот користејќи различни методи, а некои вештини се чини дека биле многу корисни.
Децата во поранешна Југославија учеа работи кои се неопходни за живот, кои денес се девалвирани. Додека едни веруваат дека порано било многу подобро и полесно, други сметаат дека денешните родители се поинформирани и попрофесионални. И двата пристапа имаат свои предности и недостатоци, а кога станува збор за образованието, ова се некои од најголемите разлики.
Домаќинство
За многумина е навистина голема штета што предметот домаќинство повеќе не постои во училиштата бидејќи на овој час учениците се стекнувале со различни вештини: готвење, поставување маса, шиење, приготвување колачи, одржување на домот и слично. Во денешно време често се истакнува дека на децата им недостига практично знаење поради нивната преокупација со технологијата.
Слично облекување
Денес многу деца носат брендирана облека на училиште, некои имаат поевтини, а некои екстремно скапи патики кои ги рекламираат популарните јутјубери и инфлуенсери. Но, децата што растеле во Југославија се облекувале слично. Се разбира, имало некои разлики, но не толку видливи како денес.
Физичкото образование било еден од најважните предмети
Поради зголемувањето на процентот на деца што имаат проблем со дебелината, и денес се смета дека физичката активност треба да биде што поприсутна во училиштата. Во минатото, физичкото образование бил еден од најважните предмети во училиштето и се сфаќал многу сериозно. Опремата за часот била многу важна. Девојките носеле црни трикоа, а момчињата шорцови и бели маици. На часовите имало многу гимнастика и таа била една од омилените активности, но децата и трчале, пливале и играле фудбал.
Улогата на наставникот била важна
Училишните правила барале учениците да станат секојпат кога наставникот влегувал на час. Така покажувале почит. Исто така, училишните правила нагласувале дека наставникот бил во право и дека дисциплината морала да се почитува. Доколку учениците не ги следеле упатствата на наставникот, следувале казни. Родителите и наставниците не си го поткопувале авторитетот меѓусебно, а во многу училишта практика било наставникот секој ден да запишува што правел ученикот за родителите да можат да ги следат активностите и однесувањето.
Извор:
Lolamagazin.com
Фото: Freepik