Фотографиран млад проѕирен октопод на кој му се гледа мозокот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ние, луѓето, успешно фотографиравме црна дупка, слетавме ровери на Марс и испративме вселенски летала до темната страна на Месечината. Сепак, нашата сопствена планета останува едно од последните недоистражени места.
Океаните се крвотокот на Земјата, покривајќи над 70 отсто од површината на планетата, управувајќи со временските услови и регулирајќи ја температурата. Низ историјата, океаните биле витален извор на транспорт, трговија, раст и инспирација.
Но, повеќе од 80 отсто од океаните остануваат неистражени. Привлечен од оваа мистерија, фотографот Ву Јунг-сен со години прави фотографии под вода.
Во текот на неодамнешна фотосесија Јунг-сен имал ретка можност да направи фотографии од
октоподот Wunderpus photogenicus.
- Слушнав за фотографирање на црните води додека разговарав со моите пријатели и веднаш почнав да работам на ова уникатно поле. Како прво, мора да ги научите карактеристиките на суштествата од црната вода. Потоа, мора да разберете кои области се погодни за оваа активност, како да привлечете суштества од црната вода и како да бидете безбедни - вели Јунг-сен. Тој додава дека откако ќе ги заврши сите работи, останатото се сведува на среќа.
- Во поголемиот дел од фотосесиите се враќам без ништо. Обично снимам на длабочина од 15-30 метри бидејќи опсегот на движење на суштествата во црната вода е околу 5 до 2.000 метри. Не можам да одам подлабоко од 45 метри поради ограничувањето на мојата опрема за нуркање - вели тој.
- Ќе лажам ако речам дека не се плашам во темнината. Сепак, желбата да ги најдам овие чудни суштества ми даде сила да го надминам стравот - вели фотографот.
Кога станува збор за посакуваната фотографија, Јунг-сен вели дека најтешкото нешто што може да се контролира е рефлексијата на суспендирани честички во материјата.
- Ако положбата на подводната светилка не е во ред, тогаш она што го фотографирам не е доволно остро. Точната светлина ќе го намали одразот на суспендираните честички и субјектот ќе се истакне на фотографијата. Покрај тоа, повеќето суштества од црната вода се проѕирни.
Фото:
Yung-sen wu