Кои се правилата за славење на празниците во регионот и во Европа?

Кои се правилата за славење на празниците во регионот и во Европа?

Подготвил: Драгана Петрушевска/Тамара Гроздановски/Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Веќе со месеци ограничувањата поради коронавирусот диктираат каде можат да патуваат луѓето и кого можат да видат кога ќе стигнат на посакуваната дестинација.

Со оглед на тоа што се наближуваат Божиќ и Нова година, владите во Европа и во светот треба да донесат тешка одлука за тоа дали да ги ублажат ограничувањата за време на празниците. Така, ако дозволат празнични саеми, патувања и собирања, ризикуваат со новата година да предизвикаат и нов бран на вирусот. Ако ги остават во сила строгите мерки, тоа ќе биде тежок удар за веќе повредената економија, но и за граѓаните, на кои и тоа како им се потребни забава и опуштање од огромниот стрес што го предизвика пандемијата.

Еве како одлучија да се справат некои од земјите во Европа и во регионот.

Фото: Freepik

Во Србија се зборува за полициски час за Нова година

Иако во Србија во сила се мерки според кои сите објекти, освен прехранбените продавници, аптеките и бензинските пумпи, работат до 17 часот и не работат во викендите, а забрането е и собирање на повеќе од пет лица, на неколку интернет-страници ресторани, клубови и хотели во Белград рекламираат дочек на Новата година со концерти, вечери, пиење. За денеска е предвидено српскиот кризен штаб да има состанок, а според некои тамошни медиуми, на седницата во петокот се барале уште поригорозни мерки, па и полициски час за новогодишните празници, меѓутоа, било проценето дека има време и дека ќе се реагира во согласност со бројот на заразени. Епидемиологот Предраг Кон неодамна истакна дека е нереално да се очекува коронавирусот да исчезне до Нова година и додаде дека затоа е нереално да се планира дочек.

Во Хрватска ќе се анализира состојбата пред да се донесе одлука за заострување на мерките

Мерките што беа воведени во Хрватска на 28 ноември, а се во сила до 21 декември, главно се однесуваат на ограничување на собирањата. Затворени се кафулињата и рестораните, алкохол не смее да се продава по 22 часот, на отворен простор на едно место може да има најмногу 25 лица, а на приватните собирања не повеќе од 10. Забранети се и божиќните пазари. Новите мерки, кои стапија во сила во саботата, а ќе траат до 10 јануари, носат нови правила за максималниот број на купувачи во продавниците. Хрватскиот национален стожер соопшти дека до 21 декември ќе се анализира учинокот на воведените мерки и ќе се одлучи дали за празниците ќе биде потребно заострување или релаксирање на мерките.

Грција со рестрикции до следниот месец

Грчките власти истакнаа дека рестораните и училиштата ќе бидат затворени до 7 јануари, а ќе има и полициски час од 21 до 5 часот и рестрикциите за движењето меѓу регионите ќе бидат во сила до следниот месец.

Фото: Freepik

Италија без божиќни пазари и со полициски час

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, им порача на Италијанците да очекуваат потрезен Божиќ, без собири, прегратки и бакнежи.

Многу италијански региони се наоѓаат под делумна блокада и е најавена забрана за патување помеѓу различни региони од 21 декември до 6 јануари.

Покрај регионалните забрани за патувања, на луѓето нема да им биде дозволено да ги напуштат своите родни градови на Божиќ, вториот ден по Божиќ (наречен Ден на подароците) и Нова година. Ќе има исклучоци за работа, медицински причини или итни случаи, а ќе има и полициски час од 22 до 5 часот.

Црквите остануваат отворени, но полицискиот час значи дека традиционалната полноќна миса најверојатно нема да се случи. Во меѓувреме, забранет е и омилениот божиќен пазар.

Но, не се лоши сите вести: Конте ги увери децата дека Бабо Нателе (Дедо Мраз) дефинитивно ќе ги посети бидејќи е ослободен од глобалните ограничувања за патување.

Франција: Рестрикциите за патувања ќе бидат укинати за време на празниците


По повеќенеделното национално заклучување, Макрон ги ублажи ограничувањата на 28 ноември. Но, повеќето мерки за заклучувања ќе останат во сила непосредно пред празничната пауза на 15 декември.

Продавниците, театрите и кината ќе можат да се отворат за Божиќ, а луѓето ќе можат да ги посетат своите семејства во текот на празниците.

- Ќе може да се патува без одобрение, вклучително и меѓу региони - изјави Макрон во ТВ-обраќање.

Вреди да се напомене дека Франција е под второ национално заклучување од крајот на октомври. Но, на 15 декември ова ќе биде заменето со полициски час на национално ниво од 21 до 7 часот. Полицискиот час нема да важи за Божиќ и Нова година.

Рестораните и училиштата нема да се отворат до 20 јануари, а тоа зависи и од тоа дали дневните случаи ќе опаднат на 5.000. Баровите, кафулињата и ноќните клубови се затворени на неодредено време.

Одлуката да се затворат популарните француски скијачки центри е огромно разочарување за луѓето, а градоначалниците се жалат затоа што тоа значи губење на приходи долг период. Макрон најави дека би можеле повторно да се отворат во јануари под поволни услови.

1
Фото: Freepik

Без собири во Германија

Канцеларката Меркел изјави дека „лесното заклучување“ во Германија ќе продолжи до 10 јануари. Баровите, рестораните и местата за забава се затворени, а од среда се затвораат и училиштата и продавниците. Остануваат отворени само продавниците за храна и други производи за секојдневна употреба. Сега, ограничувањето на социјалните собири се намали на две домаќинства и максимум пет лица.

Но, ќе има привремено релаксирање на правилата од 24 до 26 декември, но не и на Нова година.

Повеќето поголеми божиќни пазари во Германија веќе се откажани, но некои локални прават планови за работа со намален обем.

Што се однесува до Нова година, огнометите се откажани.

Фото: Freepik

Шпанија: Забава на тераса и ограничени собири

Шпанската влада планира „поразличен“ празничен период со дозволено ограничување од шест лица на забава.

Се препорачува социјалните собири да се одржуваат на терасите на рестораните или на другите надворешни локации.

Традиционално, на 5 јануари Шпанците го слават Празникот на тројцата кралеви со парада, но владата ќе препорача оваа прослава да не се одржи.

Исто така, се препорачува вентилација на затворените простори и одржување на физичкото растојание онаму каде што е потребно. Но, министерот за здравство Салвадор Ила вели дека ништо не е дефинирано.

- Треба да најдеме консензус за божиќните ограничувања. Кога ќе се одлучи, ќе ги објавиме мерките - вели тој.

Владата на Каталонија се надева дека ќе дозволи собирање на најмногу 10 лица за Божиќ.

- Ние ќе донесеме свои одлуки - изјави портпаролката на регионот.

Во Мадрид, официјалните лица бараат од владата да одобри програма за масовно тестирање во пресрет на Божиќ за да им овозможи на луѓето безбедно да слават во текот на празничниот период.

Австрија планира масовно тестирање на национално ниво

Австрија беше под второ национално заклучување до 7 декември и голема е веројатноста ограничувањата да бидат намалени во текот на празниците.

Владата нареди да се направат најмалку 7 милиони антигенски тестови, па се надева дека масовната програма за тестирање ќе им обезбеди на Австријците пат без заклучување.

Тестирањето почна на почетокот од овој месец, со стотици илјади наставници и полицајци, заедно со луѓето во областите со високи стапки на инфекција. Доброволното масовно тестирање потоа ќе биде спроведено на национално ниво во неделата пред Божиќ.

Канцеларот Себастијан Курц истакна дека божиќните мерки на земјата ќе бидат водени од податоците.

- Дали ќе има рестрикции за Божиќ и Нова година и колку луѓе ќе можат да се соберат, во голема мера зависи од бројот на инфекции - рече тој.

Традиционалните божиќни пазари во земјата сепак ќе останат затворени во текот на празниците. Скијањето ќе биде дозволено од 24 декември, а хотелите ќе останат затворени до 7 јануари. Луѓето што ќе доаѓаат од земји со повеќе од 100 случаи на 100.000 (во кои спаѓаат Германија и Италија) ќе мора да одат во карантин.

moskva
Фото: Freepik

Русија: На постарите им е кажано да се самоизолираат

Во Русија главните празнични прослави обично се случуваат на новогодишната ноќ со многу луѓе и целовечерни забави.

Но, во текот на изминатите две децении има зголемување на божиќните прослави, што православното христијанство кое е мнозинство во земјата ги одбележува на 7 јануари. Дури и да е така, ограничувањата веројатно ќе ги намалат прославите во целиот празничен период.

Во главниот град официјалните лица објавија нови мерки што ќе траат до 15 јануари. Тие вклучуваат рано затворање на рестораните и кафулињата и ограничување на капацитетот од 25 отсто во кината и театрите. Жителите над 65 години и оние групи со висок ризик мора да се самоизолираат до 15 јануари.

Исто така, најверојатно ќе биде откажан празничниот уличен фестивал во градот, кој трае еден месец. Другите региони воведуваат слични сопствени ограничувања. 

Велика Британија

Во Велика Британија семејствата може да се соберат со други две семејства, иако овие собири се забранети во пабовите, хотелите, продавниците, киносалите и рестораните. Ќе бидат укинати ограничувањата за црквите и во нив ќе се одржуваат богослужби.

Кон крајот на ноември Англија, Северна Ирска, Велс и Шкотска постигнаа договор за правилата за движење за време на божиќните празници. Беше дозволено собирање на најмногу три домаќинства во домовите или на јавните отворени места во периодот од 23 декември до 27 декември.

Во Северна Ирска ќе биде суспендирана забраната за патување до остатокот од Велика Британија во период од седум дена околу празникот. Меѓутоа, Шкотска воведе дополнителни правила според кои се забранува собирањето на повеќе од 8 лица на возраст над 12 години за време на божиќните празници.

Дозволено е гушкањето, како и богослужбите, а жителите во домовите за стари лица може да го слават празникот со семејството. Луѓето во Велика Британија ќе уживаат и во петдневен одмор од 23 до 28 декември.

Ќе биде дозволено традиционалното пеење песни пред куќите, но групите мора да држат физичко растојание.

Освен тоа, низ земјата се воспоставени различни правила за ограничено движење според ризикот од зараза и граѓаните ќе треба да ги почитуваат и овие правила во зависност од нивното место на живеење.

Фото: Freepik

Во Холандија не се исклучува воведувањето нови мерки пред Божиќ

Владата ги продолжи мерките за ограничување на фамилијарните собири на тројца гости по домаќинство. Тие се во сила од 8 декември до 15 јануари. Рестораните и кафулињата остануваат затворени. Премиерот Марк Руте истакна дека не се исклучува воведување и на нови мерки спроти Божиќ.

Унгарија - нема прослави за Нова година

Премиерот Виктор Орбан на 7 декември изјави дека нема да има прослави за Нова година. Во земјата ќе останат во сила рестрикциите, вклучително и полициски час од 19 часот, најрано до 11 јануари.

Португалија - релаксирано за Божиќ

Нема да има ограничување за тоа колку лица ќе може да се соберат во едно домаќинство за Божиќ. На 24 и 25 декември ноќниот полициски час ќе биде поместен од 23 на 2 часот. За дочекот на Новата година ќе бидат забранети улични забави и собирањата на отворен простор ќе бидат ограничени на максимум шест лица.