Анализа на коските од животни ќе ни даде податоци какви диви и домашни животни консумирале луѓето, анализи на полен и растителни остатоци ќе ни го претстават растителниот свет околу населбата пред 8.000 години, вели археологот д-р Дарко Стојановски
По половина век, македонските археолози повторно се вратија на истражувањата на светски познатиот неолитски локалитет Барутница кај светиниколското село Амзабегово. Истражувана во 60-тите и почетокот на 70-тите години од здружен југословенско-американски тим, населбата имала улога на еден регионален урбан центар, со особено важна стратиграфија - континуитет на живеење од над 1.000 години, помеѓу 6.100 и 4.800 година пред новата ера. Локалитетот не само што дава важни информации за ширењето на неолитот од Мала Азија кон Европа, туку и за развојот на сите социо-економски и културни аспекти низ времето.
- По 50 години од последните истражувања беше неопходно да се обноват истражувањата за детално интердисциплинарно истражување. Со скромни средства започнавме лани, а есенва ја завршивме и втората кампања. Веста за обновените истражувања бргу се прошири низ круговите на праисторичарите во Европа и во Америка и веќе имаме неколку првични контакти со интерес за соработка - вели
Дарко Стојановски, доктор по археолошки науки, независен истражувач кој раководеше со истражувањата во рамките на проектот „Најраните земјоделски и урбани центри во Македонија“ во соработка со Народниот музеј од Свети Николе.
Како дојдовте до идеја по 50 години повторно да се истражува неолитската населба Барутница?
- Во истражувањата во 1960 и повторно во 1969/1970 година учествувале сериозни меѓународни тимови со сериозна финансиска поддршка, и резултираа со значајни публикации кои се клучни во проучувањето на неолитот на Балканот и во Европа. Благодарение на овие изданија, локалитетот добива широка и заслужена популарност во научните кругови, бидејќи во својата стратиграфија го содржи целокупниот развој на неолитот на овие простори, од првите основачи кон крајот на 7 милениум пр.н.е., па сè до напуштањето на населбата во почетокот на 5 милениум. Меѓутоа, оттогаш до денес археолошката наука напреднала значајно, и теоретски и од аспект на користење нови технологии, и многу прашања што се интересни за современата наука не се одговорени во овие изданија од минатиот век.
Освен стратиграфијата и керамичките стилови, за други аспекти, како економијата, архитектурата и динамиката на живот (градење, рушење и повторна изградба), точната хронологија на одделни фази и меѓуфази, врските со околните региони и размената на продукти, знаеме многу малку или ништо. Иако исклучително корисни и заслужни за своето време, постојните изданија за овој локалитет изгледаат анахроно на фонот на современата археолошка наука. Затоа одлучивме да започнеме нов долгогодишен проект, засега со скромни финансии од Министерството за култура, но со надеж дека ќе оствариме доволно резултати со кои би го обновиле интересот за овој локалитет кај водечките научни институти од Европа и во светот.
Што откривте на последните истражувања?
- Лани, како прво теренско истражување по 50 години, целта ни беше проверка на стратиграфијата на една мала површина во централниот дел на населбата. Применивме подетален пристап, соодветен за праисториски локалитети, и освен големото количество наоди, дојдовме до интересни сознанија и за стратиграфијата. Иако она што беше предложено во минатото е генерално точно, постојат поголем број потфази и меѓуфази, што говори за еден многу динамичен живот на оваа локација во континуитет од повеќе од еден милениум.
Интересен е и развојот на архитектурата. Во една од постарите фази откривме сочувани остатоци од архитектурен елемент (веројатно под) изработен од правилно обработени дрвени летви, што е реткост. Во погорните слоеви за ѕидање биле користени непечени тули од глина, додека кон крајот на неолитот градбите биле конструирани со дрвени колци, плет и кал. На една мала површина ги откривме речиси сите познати градежни техники од неолитот. Годинава ги проширивме истражувањата на поголема површина со цел да се карактеризираат што е можно подетално одделните фази. На новата локација откривме остатоци од ѕидови од римско време, веројатно дел од комплекс на villa rustica. Важно и за двете истражувачки кампањи е прибирањето примероци од различен материјал, кои во подобри времиња би се искористиле за современи лабораториски анализи.
Неолитската култура во Амзабегово е светски позната, документирана. Зошто 50 години не бил чепнат овој локалитет? Згаснал ли научниот интерес?
- Ова прашање го добивам при секој разговор со колеги од други земји. Не би било коректно да говорам во името на повозрасните колеги. Можеби преовладувало мислењето дека сè е познато и немало што да се истражува. Немало многу активни праисторичари, а голем е бројот на неолитски локалитети во Македонија, па фокусот се поместил кон други микрорегиони. Сигурно и политичките и општествените состојби во 80-тите и 90-тите години одиграле улога.
Но, денес парадигмата во проучувањето на неолитот е различна, прашањата што се поставуваат се различни, методологијата е променета, а важна е и меѓународната соработка и размената на искуства. Сметам дека сега е вистинско време за започнување сериозни, долгорочни научни проекти, не само на овој локалитет и не само во рамките на праисторијата, за да фатиме чекор со европската наука.
Како изникнала оваа култура во 6.100 г. пр.н.е, со што се занимавале тие луѓе, како живееле, како 500-600 години подоцна се поврзува со Тумба Маџари? Каков е линкот со Врбјанска Чука, каде е потврдено живеење пред 8.000 години?
- Неолитот како социо-економски феномен (појава на земјоделство и припитомени животни и растенија, појава на садови од керамика, први постојани живеалишта и населби итн.) започнува на Блискиот Исток и оттаму се проширува кон Европа. По егејскиот брег, први се „неолитизирале“ долините во внатрешноста на Балканот. Овче Поле, односно Барутница (околу 6.100 пр.н.е.) е една од најраните и според материјалната култура е во директна корелација со Егејска Македонија. Значи луѓето што ја формирале населбата ја познавале и живееле традицијата на еден генерален балкано-анатолски неолитски комплекс. Но, истовремено секоја заедница пројавувала свои индивидуални црти, најчесто манифестирани преку керамиката и декорацијата на керамичките садови, а веројатно и преку нематеријалните културни елементи кои, за жал, не ги знаеме.
Во приближно исто време (околу 6.000 пр.н.е.) се формираат и првите заедници во Пелагонија (меѓу кои и Врбјанска Чука) со свои сопствени одлики, но повторно во рамките на истиот културен комплекс. Неколку века подоцна, благодарение на зголемениот број жители и поинтензивната комуникација, разликите избледуваат и се формира поширока културна група, во која влегуваат и Тумба Маџари и другите населби од Скопската Котлина. Пелагонија, поради поголемата географска изолираност, има сопствен, малку поразличен развој. Генерално во неолитот луѓето се занимавале со примитивно земјоделство и сточарство, одгледувале и се хранеле со рани видови житарици, леќа, грашок, наут, потоа млеко, мед, месо итн. Сè уште работиме со општи податоци за тоа како овие луѓе живееле и каква била нивната интеракција со природата и меѓу себе, но се надеваме дека со нови истражувања да ја збогатиме оваа слика.
Во кој правец треба понатаму да се развиваат истражувањата на Барутница?
- Потребно е проширување на истражувањата на што е можно поголема површина, со што би биле опфатени повеќе архитектурни единици и би го откриле барем делумно начинот на организација на населбата во различни периоди. Преку недеструктивни геофизички методи можеме да ги утврдиме големината и типот на населбата. Исто така, потребна е лабораториска анализа на примероците што ги споменав.
Дарко Стојановски
На пример, анализа на коските од животни ќе ни даде податоци какви диви и домашни животни консумирале луѓето. Анализи на полен и растителни остатоци ќе ни го претстават растителниот свет околу населбата пред 8.000 години. Органските остатоци кои можат да се екстрахираат од керамиката би ни дале податоци за исхраната во неолитот. Дел од тие примероци можат да се искористат за датирање и утврдување подетална хронолошка рамка. За сето ова е потребно да се вклучат специјалисти од различни дисциплини и секако соодветни средства. Овој локалитет е еден од најзначајните сведоци за животот на нашите предци пред 8 милениуми и заслужува соодветно внимание.