Студентите утре ќе протестираат пред Собранието на Република Македонија

Студентите утре ќе протестираат пред Собранието на Република Македонија

Студентскиот пленум најавува протест за утре во 11 часот пред Собранието на Република Македонија, насловен како „Пратениците го трчаат почесниот круг“.




Почитувани колеги и граѓани!

Пред пратениците во Собранието на РМ ќе се најдат измените за законот во високото образование во среда. Да одиме и соодветно да ги пречекаме маратонците пред финишот, односно собраниските порти, со громогласен аплауз и честитки во трката за лоши реформи во образованието!

Ги покануваме сите студенти и граѓани да дојдат со свои пароли и свирчиња за да ги бодриме маратонците во нивната тешка трка - кој прв да стисне „ЗА“ законот и упропастување на образованието!

Од пленумот велат дека насловот на настанот е ироничен во смисла на тоа дека пратениците ќе ја истрчаат последната лоша трка, односно последната фаза на пленарната седница во која законот за високо образование финално ќе биде изгласан.

Најавуваат протест со свирчиња, пароли, но планираат „маратонците“ пред Собрание да ги пречекаат со црвени, маратонски ленти за трчање.

-Вчера по 5 ипол часовна средба на координаторите на сите интерни пленуми, одлучивме на овој начин за последен пат да се обидеме да ги притиснеме пратениците и да им укажеме дека се на лош пат. Сè уште се немаме договорено колку време ќе трае протестот, но имаме предвид дека законот е ставен како 34 точка на гласање, од вкупно 36. Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат на последниот обид за критика, пред законот финално да биде изгласан, изјави за НОВА, Кирил Арсовски од Студентски пленум, пренесува Нова.

Студентите вчерасе сретнаа и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, пред кого ги образложија своите аргументи против законот за високо образование. Тие се надеваат дека претседателот ќе го искористи правото на суспензивно вето.

Арсовски вели дека допрва ќе се координираат со Професорскиот пленум, за новиот ултиматум кој ќе го постават до Владата. Најавуваат дека можно е кампување пред универзитетите, настава на отворено и слични креативни начини на протест.