Најстрашниот филм за холокаустот - премиера после 70 години

Најстрашниот филм за холокаустот - премиера после 70 години

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Екипа на британски филмаџии, надгледувана од Алфред Хичкок во 1945 година отишла во Германија да ги сними ужасите на концентрационите логори. Иако филмот во свое време бил нарекуван ремек дело, тој никогаш не го доживеал светлото на денот.

 

holokaust


После неколку децении, документарецот „Night will fall“ конечно ќе ја доживее својата премиера.

Британскиот филм за холокаустот на полицата седеше околу 70 години, пред се` поради политички причини.

Додека сојузниците ослободувале еден по еден концентрационен логор, британскиот министер Сидни Бернштајн бил избран да направи филм кој ќе ги документира доказите за нацистичките злосторства.

Бернштајн создал импозантен тим составен од идниот лабуристички шеф на кабинетот Ричард Кросман (кој го напишал сценариото) и Алфред Хичкок, кој пристигнал од Холивуд за да го советува Бернштајн за структурата на самиот филм. Насловот на почетокот бил „German Concentration Camps Factual Survey”“.

За време на создавањето на филмот, постојано пристигнувале материјалите од терен. Британските, американските и руските војници испраќале снимки и фотографии од 11 концентрациони логори, вклучувајќи ги Аушвиц, Бухенвалд, Дахау и Берген-Белзен. На овие снимки и фотографии биле прикажани мртвите и болните, но и грозни работи како на пример остатоците од човечки тела од печките.

На една снимка од концентрациониот логор Мајданек, може да се види вреќа полна со човечки коски. Косата им е сечена, внимателно подредена и измерена. „Ништо не се фрлало, дури и забите им биле вадени од вилиците“, вели нараторот. Филмот на Бернштајн во еден момент прикажува еден куп наочари. „Ако еден од 10 луѓе носел наочари, што мислите, колку од нив биле убиени за да се направи овој куп?“, продолжува нараторот.

После 70 години од создавањето на филмот, режисерот и антропологот Андре Сингер го направил документарецот „Night will fall“ кој кон крајот на јануари ќе биде прикажан на BBC.

Сингер ги интервјуирал преживеаните затвореници, кои се појавувале во оригиналниот филм на Бернштајн. Една од нив е Анита Ласкер-Валфиш (која денес има 89 години). Таа вели дека се сеќава кога британските војници влегле во Балзен-Беген.

„Тоа беше неверојатен момент. Наеднаш, слушате предупредувања на англиски јазик: „Останете мирни, не го напуштајте логорот, помошта само што не пристигнала“. Не можевме да веруваме во тоа што го слушавме“.

Анита заедно со нејзината сестра Рената во Балзен-Берген дошле од Аушвиц, откако нацистите започнале да се повлекуваат пред Црвената армија. Во Аушвиц, Анита била член на оркестарот и свирела виолончело секое утро додека затворениците оделе да работат, и кога се враќале во логорот.

„Тешко е да се опише“, вели Анита кога се сеќава на денот кога ја почувствувала слободата. „Поминуваш години подготвувајќи се да умреш и тогаш сфаќаш - се`уште си тука. Тогаш имав 19 години. Секој британски војник ни изгледаше како Бог. Не очекувавме да го преживееме логорот, но го преживеавме“, вели таа.

Сингер интервјуирал уште еден затвореник од Балзен-Беген, Хрватот Бранко Лустиг. Во моментот кога сојузниците дошле да го ослободат логорот, Бранко бил толку болен, што кога ги злушнал звуците и вревата на војниците, тој помислил дека е на небото и дека го слуша ангелскиот оркестар. Всушност, тоа биле гајдите на кои свиреле шкотските војници.

Многу години подоцна, Стивен Спилберг го избрал Лустиг да биде продуцент на филмот „The Schindler's list“. Лустиг има сопствена теорија зошто британските власти не сакале да го прикажат документарецот. „Во тоа време, Британците имале доволно проблеми со Евреите. Тие стравуваа дека овој филм ќе разгори чувствително прашање“, вели тој.

Како и да е, оние филмски критичари кои имале можност да го погледнат филмот го нарекуваат ремек дело на британската историја на документарни филмови. Бернштајн починал во 1993 година, а Сингер вели дека до крајот на неговиот живот жалел што не го завршил документарецот.

Снимките од филмот на Бернштајн ја докажуваат вината на командантите кои ги воделе концентрационите логори, кои подоцна биле осудени во Нинберг и Линебруг. Анита се сеќава дека била многу исплашена кога сведочела против командантот на логорот Берген-Балзен, Јозеф Крамер, кој бил наречен „ѕверот од Балзен“. Нејзиното сведочење го потврдија и снимките од филмот, кои биле целосно контрадикторни од одбраната на Крамер.

„Крмаер изјавил дека немал храна, и немал со што да ги нахрани затворениците, па ова била причината зошто тие биле во толку лоша состојба. На снимките од филмот јасно се гледа дека тоа нема никаква врска со вистината“, вели Сингер. Крамер бил осуден на смрт со бесење во 1945 година.

Филмот завршува со следните зборови: „Ако светот не ја научи лекцијата која овие страшни фотографии ни ја кажуваат, тогаш ќе падне ноќ. А ние кои благодарение на божјата милост преживеавме, сигурно ќе научиме“.

Сингер вели дека ова е одлична порака со оглед на тоа што многу луѓе не се свесни за злосторствата за време на Втората светска војна. На прашањето дали „Night will fall“ ќе започне да се прикажува во училиштата тој вели: „Мислам дека ќе започне, иако постои големо противење, со оглед на тоа што филмот е навистина вознемирувачки. Но, тоа е вистината, а мислам дека ако филмот се гледа од правилен контекст, тогаш може да ни помогне да добиеме подобра идеја за тоа што всушност се случувало. Сите ужаси на војната можеме да ги разбереме само доколку ги погледнеме овие фотографии и снимки“,  заклучува Сингер.