Писмо од студент: Не окупираме, туку ослободуваме!

Писмо од студент: Не окупираме, туку ослободуваме!



Се зголемува бројот на козите – Супер, СУПЕР! Брзо, вест на насловна, причина за славење! Се зголемува бројот на студентите кои го ослободуваат она што МОН го окупира – Па не е и така важно, ќе ги игнорираме. Ќе го игнорираме фактот дека интелектуалната младина спие на земја, дека се храни од донации и дека се обидува нешто да каже. Ништо страшно, нели?

Во време кога практично се руши сé што сме изградиле од независноста на Македонија, оние кои треба да зборуваат – молчат, а оние кои вриштат се притиснати да замолчат, или уште полошо - игнорирани. Министри бегаат од камери, избегнуваат одговорности, ја навредуваат интелегенцијата на народот, и што е најстрашно, имаат лице бесрамно да стојат таму каде што истиот тој народ некогаш ги поставил. Ама важни се козите! И спомениците! Па нели Скопје е светска метропола. Да, да. Метропола во која ако некој дојде ќе види само незадоволство на улиците, ненаспани студентни и игнорантна влада. Ама козите! СПОМЕНИЦИТЕ, БРЕ ЛУЃЕ! За тоа секогаш има пари! А наставниците и професорите? Па тие може да почекаат за плата, ништо страшно! А студентите? Нека го платат тие семестарот најпрво, па потоа ќе им пратиме стипендија - НЕКОГАШ. Чекаат со месеци, ќе почекаат уште малку.

Додека собиравме донации по улици, еден постар човек дојде и ни рече „Вие сте студенти или политичари? Престанете да се буните, бидејќи ова го правите за да не учите! Деца, загрејте ги столчињата и престанете со глупости!“ Е сега сакам да му објаснам и на тој господин, а и на сите кои мислат дека ние ОСЛОБОДУВАМЕ (значи, не окупираме, туку ослободуваме) за да губиме од настава.

Најпрво, лично јас доаѓам од сиромашно семејство. Мене факултетот ми го плаќаат баба ми и дедо ми. На што скратиле, како заштедиле – не знам. Сигурно дека нема да се глупирам со тие едвај издвоени пари за моето образование.

Второ, јас сум студент со просек 10.00. Студент кој обожава да учи. Студент чија цел во животот е да знае наместо да биде игнорантен и да се занимава со студентски забави и ставање селфи на фејсбук.

Трето, мене ме научиле да мислам. Ме научиле да се борам за праведното со сите сили. А ова што ни го прават не е праведно. Не е праведно високото образование да се сведи на квиз прашања кои треба да го детерминираат степенот на нашето знаење.

Имаше една многу убава парола – ТОЈ ШТО КУПИЛ ИСПИТ ЌЕ КУПИ И ДРЖАВЕН ИСПИТ. Многу точно, многу вистинито. Јас бре луѓе немам пари да си купам кифла. Цигари веќе и не купувам, немам пари за ТОЛКАВ луксуз. И јас кога немам пари за тоа, кој црн испит ќе го купам јас?! Не само јас, туку и безброј други.

Не се поправаат туку така грешките. Не може да се поправи квалитетот на образованието кој се наруши со отворање на дисперзирани студии на секој чекор, со зголемување на квотите за високо образование до бесвест, со укинување на приемни испити. Не се прави тоа со пет прашања. Затоа ние студентите тоа не го прифаќаме.

Некои нé поддржуваат, некои нé плукаат, некои нé нарекуваат глупаци. Веќе ни е сеедно. Мислам дека достоинството на еден разумен студент не може да падне подолу од ова. Немаме што повеќе да изгубиме. Значи драги мои, ние остануваме да спиеме на бетон, да се храниме со она што добрите граѓани ни го дале, да викаме и да урламе за да нé слушнат. Ние остануваме таму токму заради тоа што сакаме да учиме квалитетно, а не да молчиме на она што е погрешно, а нé приморуваат да го прифатиме.

Автор: Н.

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.