Невена НЕВ Нешковска - Македонка за која допрва ќе се слуша!
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Дали името Невена Нешковска ви звучи познато? Можеби НЕВ? Невена е Македонка која живее и работи во Чикаго. Таа е музичарка која брзо станува популарна ширум целиот свет. Последната песна ја снимаше во Романија и штотуку ја претстави на јавноста. Додека ја слушате песната, прочитајте што разговаравме со неа.
Д.П.: Кажи ми нешто повеќе за твојата музичка кариера. Колку време снимаш, продуцираш, пееш?
Невена Нешковска: На 5 години научив да свирам клавир гледајќи ја сестра ми, а на 10 години почнав да свирам гитара со помошта од брат ми. Но, не бев константно активна со музиката. Една година ќе свирев премногу, па после другата година ќе забораев целосно на инструментите. Со сестра ми од мали пееме заедно, јас и' додавав хармонии. Почнав да пишувам музика во 2011-та година слушајќи ја Инна, романската пеачка. Си реков: „Леле колку е едноставна музикава, па можам и јас ова да го напишам“, хаха.
Продуцирам не цела година, но еве наскоро ќе објавам песна што јас лично сум ја напишала и продуцирала.
Д.П.: Како стигна од Охрид до Чикаго?
Невена Нешковска: Па, јас по потекло сум охриѓанка. На 8 години фамилијарно дојдовме во Чикаго.
Д.П.: Од кои познати музичари најмногу учиш и се инспирираш?
Невена Нешковска: Има премногу музичари што ме инспирираат бидејќи општо обожавам музика и доста стилови свирам и пишувам. Ако спомнувам некој би биле Morandi, ATB, Primus, Taraf de Haidouks, No Doubt итн.
Д.П.: Можеш ли да ни откриеш на кое достигнување најмногу се гордееш?
Невена Нешковска: Се гордеам со фактот дека стигнав до Романија сама и успеав да имам интервју во една од најголемите издавачки куќи, па и на „Прима ТВ“ го пуштаа интервјуто. Еден новинар што веруваше во мене ми помогна. Ова беше во 2012.
Д.П.: Кој совет би им го дала на почетниците?
Невена Нешковска: Ова прашање баш ми е битно. Би им советила да не ги слушаат тие околу нив што им велат дека не можат или пак не вреди да се борат за да си го овојат своите сништа, без разлика на која област припаѓаат- музика, уметност, спорт, општествените науки итн. Македонциве, ние, сме многу песимистичен народ и тешко е некој да реализира сон во земјата кога околу него слуша само скептични муабети. Believe in yourself! Ја имате мојата поддршка!
Д.П.: Планови за иднина?
Невена Нешковска: За иднината, не се знае. Одлучена сум дека сакам кариера во музиката- дали ќе е компонирање, пеење, продуцирање- не ми е битно, важно да свирам. За месец дена објавувам нова песна со спот сниман во Чикаго во различен стил на електронска музика, па ќе видиме.