Eкономскиот факултет во Хрватска го напушта болоњскиот систем

Eкономскиот факултет во Хрватска го напушта болоњскиот систем

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Економскиот факултет во Загреб го напушта болоњскиот систем на студирање, а новиот модел на студирање ќе започне да се применува на есен.

 

2


Наместо болоњскиот модел 4+1, се преминува на интегрирани петгодишни студии. Економскиот факултет заклучи дека не се потребни таканаречените „бачелор дипломи“, а интегрираните студии ќе воведат и Кинезиолошки факултет во Загреб.

Основната причина за напуштање на досегашниот болоњски модел лежи во тоа што пазарот на трудот не ги признава оние со „бачелор“ дипломи, што предизвикало 90% од студентите по економија после четврта година да ги продолжат студиите и да станат магистри.

Оваа промена, за која даде зелено светло и Националниот совет за наука, високо образование и технолошки развој,  се толкува различно. Поединци сметаат дека тоа е напуштање на болоњскиот систем, додека други тврдат дека станува збор за уште еден болоњски модел.

„Ова е напуштање на болоњскиот систем. Всушност ова е продолжение на старите четиригодишни студии на пет години, што претставува опасност нашите титули да не бидат признати никаде во светот освен во Хрватска, а програмата за повеќето студенти ќе биде пренатрупана со непотребни предмети“, вели Невен Будка, водач на тимот за спроведување на стратегија за образованието.

Тој додава дека ваквата промена ќе им биде од полза на приватните факултети кои нудат пократки програми, а еднакви можности за вработување.

Хрвоје Краљевиќ, член на Националниот совет и министер за наука, во чијшто мандат се потпиша Болоњската декларација, се спротиставува на одлуката на економскиот факултет.

„Ова е чекор кон напуштање на болоњскиот систем. Очекувам дека ќе извлечеме поука од примерот на економскиот факултет“, вели тој. Хрвоје смета дека болоњскиот процес е одлично дизајниран, меѓутоа во Хрватска е сосема погрешно применет.

Економскиот факултет оваа одлука ја чекал пет години. Пред Националниот совет излезе со акумулирани документи, меѓу кои има и елаборат со повеќе од 1.000 страни. За позитивен пример за интегрирани студии во бизнис економија се наведуваат две земји: Чешка и Масачусетс од Америка.

Деканот на економскиот факултет, Лајош Жагер негира дека со новиот модел се напушта болоњскиот систем и вели дека сето тоа е направено во согласност со законот за високо образование кој признава интегрирани студии, како што беше и потврдено од претседателот на Националниот совет, Иво Дружиќ.

Иницијаторот за напуштање на моделот 4+1, е поранешниот декан на економскиот факултет Тончи Лазибат кој тврди дека ова не е уривање на болоњскиот процес, туку еден од моделите кој исто така е болоњски.