Како работодавците го читаат вашето резиме?

Како работодавците го читаат вашето резиме?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Разбирањето на вашето резиме од страна на работодавачот ќе одлучи дали ќе бидете земени предвид за интервју или вашето резиме ќе заврши во корпата за отпад. Следуваат факти за начинот на кој работодавците го читаат секое резиме кои ќе ви помогнат да ја добиете работата.


Пред да го отворат резимето

Работодавците ве проценуваат уште кога електронската порака ќе пристигне во нивното сандаче. Тие бараат знаци кои покажуваат дека сте соодветна личност за работата, но и ќе го оценуваат пристапот кој го имате кон нив, кој треба да биде личен, но професионален. Обратете и' се на личноста по име и нека мотивационото писмо биде кратко и јасно. Тие немаат време да читаат есеи.

Тие читаат брзо

Работодавците се зафатени луѓе и обично работат повеќе работи истовремено. Тие мора да ги извлечат важните информации од вашето резиме брзо и лесно. Затоа не им го трошете времето со клише-фрази или непотребни детали. Вклучете вештини и работни искуства кои се поврзани со работата за која се пријавувате.

Тие бараат „клучни“ зборови

Лицата кои треба да одлучат дали ќе одите на интервју или не најчесто бараат специфични вештини во секое резиме. На пример: маркетинг, водење тим, зборување пред јавност. Доколку ги немате потребните вештини, големи се шансите дека вашето резиме нема да биде прочитано. Кога испраќате резиме за работна позиција најдете ги зборовите кои се користат во компанијата или биле искористени во огласот за вработување и искористете ги во резимето.

Броевите ги импресионираат

Работодавците сакаат да ја знаат вредноста која може да им ја донесете, а нема подобар начин за покажување на своите способности отколку користејќи броеви. Кога набројувате работни искуства наведете го бројот на лицата кои биле во вашиот тим, на кои сте влијаеле итн.

Не дозволувајте да имате грешки

Печатни или граматички, грешките во резимето може да направат само зло. Прочитајте го резимето повеќепати пред да го испратите или дадете го некому да го прочита за вас.