Државата нема пари за младата математичарка Сања Симоновиќ

Државата нема пари за младата математичарка Сања Симоновиќ

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

1

 

Изминативе неколку денови, Македонија ја треси бојкотот на средношколците поради математиката како задолжителен предмет за полагање. И додека се преговара за овој концепт, од другата страна се наоѓаат ученици, одлични математичари за кои државата нема пари да ги финансира за учество на меѓународни натпревари.


17 годишната Сања Симоновиќ, средношколка од приватната гимназија „Јахја Кемал“ и победник на општинскиот, регионалниот и државниот натпревар по математика, како и на националната олимпијада. Сања е единствениот ученик од Македонија која оваа година ќе ја претставува нашата земја во најзначајните интернационални натпревари по математика, на балканската, европската и светската олимпијада кои ќе се одржат во Атина - Грција, Минск - Белорусија и Чијан Мај - Тајланд.

За да може да настапи на овие натпревари, на Сања и` се потребни околу 2.000 евра за патни трошоци. Иако било испратено барање до Министерството за образование и наука, како и на други институции и компании, сепак Сања била одбиена од МОН бидејќи не биле предвидени пари за ваков вид трошоци.

Но, за среќа помош пристигнува од Швајцарија. Мустафа Алиловски се понуди да уплати 2.000 евра за Сања да може да учествува на натпреварите и да ја претстави Македонија најдобро што може. Потег за поздрав!