Студентите и средношколците побараа оставка од Министерот за образование и наука
Подготвил:
Драгана Петрушевска
„Заедно сме посилни“, „Доста беше молк“, „Оставка“ се зборови и фрази кои денес беа изговорени од страна на средношколците и студентите заедно. Денес се одржа третиот средношколски марш во Скопје. Овојпат на средношколците им се придружија и студентите. Се маршираше преку Владата на РМ до Министерството за образование и наука, каде не беше присутен министерот Абдулаќим Адеми.
Од овој марш беа дел приближно 6-7 илјади граѓани. Маршот заврши пред МОН, каде средношколците ги повикаа вработените во зградата да излезат надвор. Оваа порака секако најмногу се однесуваше на Министерот, но тој не беше присутен во зградата.
Овој најмасовен и најенергичен марш досега не вроди со плод, барем засега. Не се доби одговор од Министерството.
Меѓутоа, средношколците не се откажуваат, напротив. Тие најавија радикализација на бојкотот.
„Бојкотот повеќе нема да се одвива во ходниците, туку тука, пред Министерството. Со ова сакаме да им покажеме на власта дека секогаш сме подготвени за разговори и не се откажуваме“, изјави член од Средношколскиот пленум.
Студентите ја изразија својата поддршка за студентите преку неколку кратки обраќања кон присутните, а изјавите беа давани на македонски и албански јазик.