Интервју со македонските студенти кои ќе направат револуција во образованието
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Што мислите за апликација со која може да гледате тродимензионални верзии од сликите во учебниците? На пример, може да видите како работат моделите кои ги учите. Неверојатно, нели? Па, таквата апликација веќе постои, а зад неа стојат македонски студенти. „Togepi crew“ е овогодинешниот победнички тим на „Codefest“, кој се одржа неодамна во Охрид. Апликацијата со која победија е наречена АРКА, а истата ветува да направи револуција во образованието во земјава, но и надвор. Направивме интервју со нашите генијалци.
Ф: Кажете ни нешто повеќе за апликацијата на која работевте на овогодинешниот „Codefest“.
Togepi crew: Идеата за АРКА (ARCA - Augmented Reality Class Assistant) ја добивме баш спонтано разговарајќи за весниците од филмот „Harry Potter“. Решивме потенцијалот на технологиите кои поддржуваат проширена реалност да ја искористиме за едукативни цели.
АРКА може да се користи со таблет компјутери и паметни телефони и овозможува добра перспектива на дво-димензионалните слики во школските учебници со тоа што прикажува три-димензионалени интерактивено-нимирани модели.
Ф: Вашиот проект би можел да направи револуција во образованието во земјава, но и надвор од неа. Кои се плановите за понатаму за апликацијата?
Togepi crew: АРКА има огромен капацитет за подобрување на едукативниот систем но не само во Македонија, може да има примена низ целиот свет, секаде каде образованието го користи онај застарен модел каде се уште се користат учебници. Во Македонија е баш погоден момент заради сите оние ваучери за таблет компјутери кои ќе бидат доделени на студентите.
Имаме големи планови за апликацијата и активно ја усовршуваме и остваруваме контакти со потенцијални инвеститори.
Ф: Како студенти, какви други апликации би сакале да видите и користите во образованието?
Togepi crew: Има премногу апликации кои го помагаат образовниот процес и веќе користиме голем дел од нив. Она што ние сакаме да видиме или дочекаме е кога целосниот образовен модел ќе биде основан на технологија пошто веќе сме во дигитална ера и е жално што цела таа технологија не е искористена.
Ф: Што мислите за останатите проекти претставени на настанот. Би издвоиле ли некој ваш фаворит?
Togepi crew: Имаше многу добри и интересни идеи сите со добар концепт и решение за некои секојдневни проблеми со кои сите ние се соочуваме. Не би можеле да издвоиме некој посебен проект пошто сите беа различни и заслужни сами по себе.
Ф: Ова не е првпат како учествувате на овој настан, а и на други слични. Какво е вашето претходно искуство и на какви проекти работевте?
Togepi crew: Сме оделе на повеќе хакатони од различен карактер. Сме биле два пати на Global GameJam каде лани освоивме прво место, а оваа година трето, таму се работи два дена на изработка на игри и е баш забавно. Две години со ред освојуваме прво место на Codefest, претходната година работевме на систем за афтоматизација на домови или како што велиме „Паметни Домови”. Овој систем овозможува тотална контрола врз електричните апарати во домот преку мобилен уред како телефон, таблет па дури и декстоп компјутери. Учествувавме и на Nasa Space Apps каде оваа година освоивме второ место во Битола. Сме учествувале и на повеќе други вакви настани и секаде се осеќа онаа креативна енергија, се разменуваат идеи и се прошируваат пријателствата.
Настаните од ваков тип се отскочни даски за сите оние кои се иновативни и сакаат да креираат решенија за секојдневни проблеми.
Ф: За што се подготвувате во моментов? Да очекуваме нови проекти од тимот во блиска иднина?
Togepi crew: Моментално се подготвуваме за Spark.me, настанот во Будва кој е еден од најголемите IT настани на балканот. После овај настан ќе аплицираме за стартап програми во и надвор од Македонија со цел да ја доразвиеме АРКА и ја извадиме како завршен продукт.
Секогаш ќе имаме нови проекти бидејќи секогаш ќе има проблеми во секојдневието кои треба да се решат.