Како се препишува на испити во Македонија

Како се препишува на испити во Македонија

Подготвил: факултети.мк

Без мобилен знаат за шестка, со мобилен за десетка

Препишувањето е еден од омилените „спортови“ не само за многумина средношколци туку и за дел од оние кои бркаат универзитетска диплома или дури и за оние кои се во трка да станат магистри. За разлика од оние кои времето пред испити го трошат на класично загревање на столица односно учење на книгите кои во просек имаат од 500 до 1000 страници дел од студентите ова време го користат за стратешко планирање на препишувањето. Па така едни купуваат опрема, други подготвуваат потсетници, трети ги копираат книгите во смалени џебни изданија, а некои ги скенираат и подготвуваат ПДФ верзии за во мобилен телефон.

Па така на денот на испитот ако дел одат вооружени само со пенкало и со своето знаење други одат вооружени со еден куп листови, мобилни телефони со посебни апликации, бубици за во уво и слично. Овие вториве со употреба на стари и проверени техники, но и со современи помагала, сами или во тимсе уште се обидуваат и неретко успеваат да препишат на испит.  Крајниот епилог во многу случаи е дека препишувачите поминуваат со исто така добри оценки или дури и подобри отколку оние што учеле, но со клучна разлика што мајсторите за препишување излегуваат со дипломи, но безмалку со никакво знаење.



Сепак препишувањето во Македонија буквално како да не изумира туку како да доживува своевидна ренесанса. Се обидовме да дознаеме кои се најчестите техники кои ги употребуваат сегашните студенти во прва, втора па дури и во петтата година од своето образование.
Па така дознавме дека ако порано препишувачите обично седеа единствено на последните клупи во училниците или пак во амфитеатрите сега ги има насекаде па и во првите клупи. Тие велат дека стратешката местоположба не е клучна за успешноста на препишувањето па понекогаш многу е полесно тоа да го направат во првите редови оти „контролата“ таму е најслаба.

- Не одам на испит без мојот мобилен телефон. Професорите неретко дозволуваат да стојат на масите за време на испит, но ако не дозволуваат се наоѓа начин тој да се скрие.  Најчесто ги имам во ПДФ верзија материјалите за испит и само ја листам лекцијата каде се наоѓа одговорот на прашањето за испит и препишувам. Сепак треба да го имам барем еднаш поминато материјалот колку да знам што каде да барам-ни објаснува студент од втора година  кој претендира да биде иден економист.

На шега оние кои користат мобилни велат дека без него знаат за шестка, а со него дури и за десетка алуридајќи дека без телефонот би паднале при полагање на испитот.




Студент кој студира право вели дека тој применува друга техника односно скриптите или книгите ги прави во мини џебни верзии кои ги носи со себе на испит. Но и тој потврдува дека претходно мора да знае отприлика што е одговорот на прашањето односно во која глава од книгата да го бара одговорот па да ја пронајде во својата мини книга и да препише.

Дека зачестиле нарачките на мини книги ни потврдија и од скопска фотокопирница.

- Бараат да копираме во намалени верзии и книги од 600 па и повеќе страници. Потоа веројатно ги сечат на делови и ги кријат за да препишат. Нема друга причина некој да бара да се копира книга на ваков начин освен за препишување бидејќи навистина е тешко да се чита од овие намалени верзии - ни вели вработен во фотокопирница.

Една од најсовремените техники покрај употребата на мобилниот телефон се и таканаречените шпиун бубици кои ги има буквално десетици по малите огласи низ земјава. Нивната цена е од 5 па се до 50 евра во зависност од големината и квалитетот.  Огласувачите ги нудат не само за препишување туку и за шпиунирање на партнерите односно за следење на брачните партнери во случај да не вршат прељуба.

„Предноста на оваа мала шпион слушалка од најновата генерација е совршено јасниот звук. Таквото совршенство е постигнато благодарение на напреден заштитен ефект што ги запира интерференцијата и шумот. Благодарение на оваа иновација може да го слушнете вашиот партнер, дури и во случај кога тој шепоти“, објаснуваат продавачите во своите огласи.

Со современи технолошки средства или пак со старите ливчиња за препишување факт е дека препишувањето се применувало, се применува и денес, а ќе се применува во иднина се додека некому му е полесно да се загрее за препишување отколку за учење.