Предлог за добра книга: Бесмртност - Милан Кундера

Предлог за добра книга: Бесмртност - Милан Кундера


 
„Смртта и бесмртноста се неразделив пар, посовршен од Маркс и Енгелс, Ромео и Јулија“ и неразделните (барем во оваа книга), Гете и Хемингвеј, кои се сретнуваат во рајот и кои дебатираат дали самите тие или нивните книги се тоа што им донело слава и бесмртност.“

Кога ќе ви предложат некој автор кој го немате читано, на почеток секогаш сте скептични и воздржани... Но, верувајте, Кундера ги руши сите бариери и ви се отвора како цвеќе кога расцутува во пролет, а воедно и сите ваши перцепции стануваат меки, светли, нежни, ранливи... Роман во седум дела, роман за животот, роман за човекот, роман за бесмртноста. Човекот е слика и Кундера ја опишува перцепцијата на човекот за својата слика и сликата на другите, односно како човекот себеси се гледа како човек.

Ништо не е случајно во овој текст. Ниту еден гест, ниту една фраза. Ништо не е случајно во животите на неколкуте парижани чии судбини се прикажани и испреплетени во овој роман. Агнес, Пол, Лаура, луѓе со навидум обичен живот наспроти Гете, Хемингвеј, едните сместени во овој живот, другите во бесмртноста. Паралела помеѓу животот и бесмртноста... Правилото на Фауст – во доброто-зло; во злото-добрина и овде е застапено: човек-бесмртност; бескрајност-живот. Дали човекот може да ја достигне бесмртноста? Секако, но не после смртта, ами во текот на својот живот. Зашто грешиме кога ја разграничуваме смртта од животот... Таа е само продолжение на она што нѐ чека понатаму – бесмртноста.

Две нешта проникнуваат низ оваа книга, смртта и бесмртноста, кои „формираат еден неодвојлив пар“, „многу посовршен од Маркс и Енгелс, Ромео и Јулија“ и неразделните (барем во оваа книга), Гете и Хемингвеј, кои се сретнуваат во рајот и кои дебатираат дали самите тие или нивните книги се тоа што им донело слава и бесмртност. „Наместо да ги читаат моите книги, тие пишуваат книги за мене.“ вели Хемингвеј. „Тоа е бесмртност,“ вели Гете. „Бесмртноста подразбира вечно судење.“

Хомо сентименталис, лајт-мотивот на Кундера што се провлекува низ романот. Човекот ја согледува сликата за себе, ја живее, ја негира, ја умртвува. Цикличен процес кој се повторува? Само во сон. Бесмртноста е таа која треба да се доживее, не кога сме присутни во просторот и времето, ами кога сѐ уште може да си го почувствуваме мирисот на кожата, надвор од сите стандардизирања и етикетирања. Оти животот не е ништо друго освен етикета која понекогаш лошо ни стои...

Искрено ви го препорачуваме, нема да зажалите!

Пишува: Сашо Дуљанов