Македонец изумител на специјално дизајнирани медицински очила
Во понеделник, 13.07.2015г., со почеток во 19.00 часот во амфитеатарот на Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид вон. проф. д-р Виктор Груев од Универзитетот „Вашингтон“ - Сент Луис, Мисури, САД. ќе одржи предавање на тема: "Bio-Inspired Sensors for Image Guided Surgery"
Проф. Груев (39) е изумител на специјално дизајнираните очила со кои хирурзите за време на операциите можат да ги видат клетките на туморот. Пронајдокот претставува вистинска револуција во светската медицина, бидејќи овозможува прецизно отстранување само на заболените клетки и запазување на здравото ткиво.
Во своето предавање проф. Груев ќе зборува за два типа на сензори чиј дизајн е заснован врз визуелни системи на животни и нивната примена во неврологијата и онкологијата. Првиот сензор е дизајниран врз основа на визуелниот систем на раковите Мантис (Mantis shrimp), а вториот се заснова врз визуелниот систем на пеперутките Монарх (Monarch butterfly).
По завршување на предавањето проф. Груев им нуди можност на заинтересираните студенти да разговараат за условите и можностите за запишување на докторски студии од областа на компјутерски науки, електроинженерство и биомедицинско инженерство на Универзитетот „Вашингтон“.
Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид ги поканува сите заинтересирани слушатели да присуствуваат на предавањето.