Потресен есеј за Сребреница -

Потресен есеј за Сребреница - "Mирисот на сонцето кое плаче"

Подготвил: Тамара Гроздановски

Бруно Диклич е матурант од Надбискупската класична гимназија во Загреб чијшто есеј освоил прва награда на литературниот натпревар на националното малцинство на тема за геноцидот во Сребреница во 1995 година. За есејот за Сребреница Бруно го поттикна професорката по хрватски јазик Марина Чубриќ без која веројатно Бруно немаше да учествува на натпреварот.

 

esej


Ви го пренесуваме есејот во целост.

Прогонување, работни логори, мачење, погубување, силување, вулгарности, пцовки, геноцид, етничко чистење, масовни гробници, потоци крв, детски солзи, мајчински солзи, очи без солци, престрелки и удари. Додека ги набројувам овие зборови на памет ми паѓа помислата дека можеби не живеам во 21 век. Па тоа не се постапки кои би ги правел еден модерен човек во дигиталната ера. Да, навистина: дали е возможно во денешно време да мораме да бидеме сведоци на масовни убиства? Можеби не би било ништо чудно да се споменат овие термини во контекст на робовласничка држава, римска провинција, средновековно учење или можеби тоталитарен режим. Но, денес? Како е тоа можно? Или сме можеби строги кон минатото? Се чини дека ваквите злосторства не се достојни за било кој период бидејќи тие не се достојни за човекот. Се прашувам дали е можно да постојат толку злобни луѓе кои газат и уништуваат се` што им пречи, убиваат колку сакаат и го трујат народот со празни идеологии. Дали човекот не научи ништо од светската историја? Дали не извлече некоја порака од минатото?

Молчам. Размислувам.

Мислите не ми даваат мир. Ми доаѓаат нови прашања. Дали е возможно големите лидери на минатиот век да направиле толку зло? Од каде толку зло во луѓето? Толку многу гнев, ароганција, суета, алчност, страст, агресивност. Наместо да го затворат тоа гнасно поглавје од големата книга на светската историја и да започнат да пишуваат ново, луѓето жедни за абнормална слава продолжуваат да пишуваат онаму кадешто другите застанале. Наместо слобода, на луѓето повторно им се нуди ропство. Дури ни тоа. Не им е понудено, туку наметнато. Тие се повлекуваат пред развојот и процутот на науката, и самоицијативно седнуваат на престолот. И од тој престол владеат сакајќи власт, добивка, слава, моќ и апсолутна супериорност над се` што е под небото. Да, луѓето опасно започнаа да си играат Бога. За жал, сведоци сме дека 20-от век стана најмасовната човечка гробница. Искуството не не` научи да го цениме животот и слободата.

Не сакам да лажам. Ни себеси, ни тебе што го читаш ова. За Сребреница не ни кажуваат многу. Нешто на училиште, нешто на телевизија во време кога Бошњаците споменуваат масовно убиство во Сребреница. За ваквите работи треба да викаме од крововите, бидејќи нивната крв вика кон небото. И луѓето во удобноста на нивните фотелји ги гледаат вознемирувачките сцени. Можеби додека јадат грицки. Можеби површно потресени го менуваат каналот на некоја хумористична серија - бидејќи тоа претходно што го гледале е премногу вознемирувачко... Кога навистина би погледнале во снимените сцени, нашето срце не би смеело да остане исто. Повеќе од 8.000 мртви. Дури 8.372 луѓе! Колку солзи пролеани! Не може ни да се замисли. Не може ни да се изброи. Колку запалени свеќи, упатени молитви, изговорени клетви? Безброј! Тука времето застанува! Тука душата се сокрива немоќна да понуди утеха. Тука времето не се мери со бројки. Кај нас се споменуваат жртвите во Вуковар. Градот херој и градот на херои. 1.700 загинати Вуковарци. Повеќе од 4.000 ранети, околу 4.000 заробени, илјадници исчезнати, силувани и прогонети. Само во Вуковар. Почивалиште на невини души. За жал овие две места се поврзани поради нешто одвратно. Во овие места се случи масакр и масовни гробници, убиство и силување, локви крв и солзи. Тука се мајките кои плачат поради своите мажи и синови. 1991 и 1995 година и патење и крв. Мајките кои не се откажуваат. Храбрите мајки на Сребреница. Храбрите мајки на Вуковар. Солзите се сега во срцето и душата. Нивните очи пресушија, погледот е цврст. Тоа е поглед кој бара. Тие нема да се откажат. За мајките од Сребреница летото не е одмор ниту спокој. Кога сонцето ќе започне да ги грее нивните раце, тие помислуваат на 11 јули и на мртвите раце. Не сакаат жешко, не го сакаат летото. Сонцето кое живот значи не можеше да спаси живот. Летото за нив повеќе не донесува мирис на искосена трева. Тие го чувствуваат мирисот на сонцето кое плаче.

Ах, суров животу! Ах, кутри луѓе. И тоа не беше случај само во нашиот регион. Тоа го имаше низ цела Европа, низ целиот свет. И како за чудо, го има и денес! Да - сврти се и погледни на истокот, ќе видиш како луѓето и денес ги водат истите битки. Кога човекот ги гледа тие ужаси останува уништен, без зборови. Кутрите луѓе во Северна Кореја кои поминуваат во затворите, работните логори, кои се измачувани. Кутрите Сомалијци чии деца немаат леб и вода. Кутрите 140.000 Ирачани кои спијат на улиците. Што не` поврзува заедно? Што е заедничко за Хрватите и Бошњаците, католиците и муслиманите, браќата и сестрите? Заедничко е нашето страдање, нашата болка и тага. Нашите заеднички уништени куќи, изгорени куќи, распарчени човечки тела, уништени семејства и солзи. Заеднички солзи. Дали има нешто убаво во тоа што не` поврзува? Нешто позитивно? Ние треба да пронајдеме нешто. Разбистри го погледот и загледај се подлабоко. Длабоко во твоето срце пронајди љубов која ќе ги излечи раните. Длабоко во себе пронајди го Бога кој дава смисла на твоето патење. Длабоко во својот ум сфати дека и денес живееш. На тоа биди благодарен. Тоа нас не` поврзува: животот! Животот кој е највредниот подарок. Со ништо не го заслуживме, а сепак го имаме. Светот постоеше и без нас, но ете сепак живееме. Живееме бидејќи секогаш знаевме да си помагаме едни на други. Живееме бидејќи едни со други секогаш си нудиме засолниште. Не дозволувај омразата или ароганцијата да не` раздели. Да учиме од заедничката историја. Секогаш избери го животот.

Ти и јас денес сме слободни. Да се биде слободен значи да се има живот. Пејам заедно Гундулиќ: „О прекрасна, о драга, о слатка слободо!“ Да, јас сум слободен. Но, некој мораше да умре за јас да живеам. Некој мораше да го даде својот живот за сопствената земја. Некој мораше со неговата крв да ги потопи полињата за јас да бидам слободен. Некој. Не секој. Престанувам да пишам и молчам. Молкот одекнува. Тишина. И повторно моите мисли летаат. Овој пат малку подалеку. Летаат до муслиманите и христијаните на Блискиот Исток. И тие таму ни се браќа. И тие таму се луѓе. Браќа. И братот го напаѓа братот. Дали не е срамно и тажно? Дали не е поразувачки? Да! Е! Пред 2.000 години, 600 години, 100 години, 50 години, 24 години, 20 години, денес. Секогаш исто. Секогаш невините страдаат. Секогаш плач. Секогаш солзи. Секогаш реки крв и крвопролевање. Сребреница. Вуковар, Блискиот Исток. Навистина, не` поврзува смртта. Цврсто не` поврзува смртта проследена со крикот на невините. Цврсто! Го замислувам јажето што не` поврзува. Заедно правиме триаголник. Секој агол е поврзан со војна, геноцид и смртта.

Дали ќе заврши приказната? Дали овде се става точка? Дали ова е целта? Не. На крајот, кој е испреплетен со болка гледам нов почеток. Нов пат. Нова можност за подобар живот и подобра иднина. Гледам дека не сме само телесни суштества туку и духовни. Да, гледам. Гледам дека смртта не е крај. Гледам дека нашиот триаголник е врска со љубовта. Верувам дека тоа е најцврстата врска. Сите големи империи пропаднаа. Пропаднаа и империјалистичките сили. Ќе има крај на страдањето на сиромашните. Луд свету, нека ова свето место биде предупредување. Внимавајте! Нека никогаш не се повтори страшниот масакар. Простете им на оние кои не учеа на грешките од своите предци. Простете им бидејќи тие се само луѓе. Но заедно запомнете сите. На почивалиштата се пристапува со тишина. Се молчи. А молчењето зборува: „Никогаш немојте да ја криете вистината. Нека никогаш не се заборави колкава е љубовта на благородниот човек. Никогаш, НИКОГАШ НЕ ГИ ЗАБОРАВАЈТЕ СВЕТИТЕ ПОЧИВАЛИШТА“.