Добро ми стои: Човекот учи додека е жив

Добро ми стои: Човекот учи додека е жив



Мојата приказна започнува во далечните 80ти години кога го завршував основното образование и се запишував во средно. Kако и сите останати 14 - годишници, не ни размислував за учење. Го учевме само тоа што требаше да се научи, а се разбира во пубертет никој не учи ништо, па така ни јас.

Имав опција да одберам средно уметничко или средно ветеринарно. Одбрав ветеринарно и продолжив на Земјоделски факултет.

Го завршив факултетот и почнав да работам во едно од скопските кафулиња. Многу убави спомени носам од тоа време.

Како минуваше времето и работите се менуваа, моравме и ние да се менуваме. Работа секогаш имало малку во Македонија. Како во 90-тите така и денес. Се вработив во маркетинг агенција и таму поминав околу 10 години. Во маркетингот навистина запознавате интересни луѓе од различни профили со различно образование и различни интереси. Дизајнери од уметност или музика, акаунти од економски или филолошки, медиа планери од математика...

Во маректинг агенција кафе-муабетот се движи од Хуманизам и Ренесанса во 15ти век, преку книжевност и психологија па до метафизика и турски сапунски серии.

Тоа што е интересно е дека цело време имате интересни теми со интересни луѓе да ги разговарате.

Слушнав дека се организираат курсеви за изработка на филиграни и одлучив да се запишам. Отекогаш сум мислела дека накитот кој го гледам по продавниците е убав, но како нешто да недостасува. Тоа што недостасува е помалку или повеќе имагинација.

Чувствувајќи дека можам да изработам дизајни и форми кои ќе го надополнат неисполнетиот простор на пазарот, започнав со изработка на филигрански накит. Филигранот е одлична можност и за мене самата да ги изразам своите чувства и своите замисли како накитот треба да изгледа. Она што ме води е малку традицијата но секако и модерните форми. Во суштина сакам нашата традиција да ја пренесам во 21от век.

Сакам да ги изразам своите чувства, мисли и имагинација преку формите кои ги произведувам и мислам дека можам да ја обезбедам онаа златна средина која можеби не е најдобра ниту е најсалба, не секако е моја лична и искрена.

Сите контакти, средби, разговори, прочитани книги, изгледани филмови како и и стручната литература ме има изградено на некој начин во она што сум денес. Секоја посета на музеј, изложба, концерт влијае врз изградбата на секој од нас. Еден пријател ми има кажано: Посета на музеј во Италија и Франција е како да сте завршиле цел факултет. Целиот живот е едно огромно учење. Учење кое не знаеме каде ќе не одведе, но сигурно на крајот ќе не однесе таму каде најдобро можеме да се изразиме.

А кога човек ќе го пронајде својот израз, е тоа му го посакувам на секого.