Од Балканот се бега повеќе отколку од Сирија

Од Балканот се бега повеќе отколку од Сирија

Подготвил: Драгана Петрушевска

Изминатата година, дури 10.300 Македонци ја напуштиле земјата за да бараат подобра иднина во странство, покажуваат службените податоци на Европската комисија.


„Дневни лист“ пишува дека министрите за внатрешни работи од земјите-членки на Европската унија во понеделник во Брисел ќе ги стават земјите од западен Балкан, меѓу кои и Македонија, на листата со сигурни земји чии граѓани кои ќе побараат азил во унијата по итна постапка ќе се депортираат назад во земјата од која доаѓаат. Азилот изминатата година бил одобрен за помалку од еден процент од Македонците.

Кога станува збор за државјаните на Босна и Херцеговина, 4,6 % од 10.700 добиле азил, а само 2% од 31.000 барања од Србија. Азилот бил одобрен за 3% од Црногорците, од кои азил побарале 1.845. Во случајот со Албанија, азил побарале 16.825, а го добиле 7,3%.

„Процентите наскоро би можеле да се намалат драматично со оглед на тоа што на сите во ЕУ им е јасно дека се работи за економски азиланти и дека најчесто не се работи за сериозни кршења на човековите права“, пишува „Дневни лист“.

Освен тоа, се наведува дека од почетокот на оваа година, повеќе луѓе заминало од Балканот во земјите од ЕУ отколку од Сирија. Повеќе од 80% од Балканците побарале азил во Германија, а следуваат Франција и Шведска.