Писмо од учителката во пензија и долгогодишен директор

Писмо од учителката во пензија и долгогодишен директор

Отворено писмо од Јорданка Попеска до
Наставници, членови на Училишен одбор и Директор
на ООУ„СТРАШО ПИНЏУР“Вевчани

Почитувани,
Дозволете и на една учителка во пензија и долгогодишен директор на Училиштето во Вевчани (1984 – 2001 година) да Ви се обрати.
Реагирам со мое размислување на една вест што многу ме вознемири и ми создаде револт во душава.  Вистина ли е дека на наставникот Андре Кукоски со Решение му го трансформиравте неговиот работен однос од неопределено полно во неопределено со пократко работно време?

Вистина ли е дека од редица наставници со работно време дополнето со несоодветни часови го издвоивте само овој наставник?
Мислите дека молкот во населбата и за неправедната постапка и за мотивите за нејзиното донесување е знак на рамнодушност кон човекот кој се изнаработил и за Вевчани и за Училиштето? Не, молкот многу вика, само Вие не го слушате.

Да Ве потсетам кој е Андре Кукоски, ако сте заборавиле.

Во 1984 година, летото, станав директор на Училиштето кое од реномирано, високо вреднувано, рангирано, некако беше почнало срамежливо да слегува , наместо да се качува нагоре. Морав да направам нешто што ќе ги покрене, што ќе ги мотивира наставниците кон креативност, кон модернизација на наставата. Мотивот беше тука, најден: нашите деца, иднината на Вевчани.

И, почнавме. Во центарот на развиженоста беше тој, Андре Кукоски. Најдовме училница полна со расфрлени стари и нови наставни средства, помагала. Новите – воопшто неупотребени, а старите расипани. Незнаевме ни како се викаат, ни како и кога се користат во наставата. Е, тука беше Андре и неговото објаснување: ова се вика графоскоп, ова – аспектомат, епидијаскоп, прожектор, кино прожектор... ќе ги поправам и ќе почнеме со нивната употреба. Ќе видите колку ќе Ви користат во наставата – велеше Андре.

Во меѓувреме со предавања на Наставнички совет, на стручните активи, теоретски го обновивме подзаборавеното, а се запознававме со новите наставни форми, методи, со напредокот на педагошката наука. Се држеа практични предавања со нагледност, експериментални, групни, индивидуални ... на секој час , без разлика за кој предмет се работи, наставниците го бараа Андре да помогне со техниката. Поправи се и ги подучуваше наставниците како тие апарати и средства да се применат во наставата.

Во тоа време и родителите ги активиравме: кој колку може со работна рака , или финансиски да му помогнат на училиштето во неговата модернизација.

Ова се случуваше во 87-та , 88-та, години натоварени со сите премрежја за Вевчани. Во оваа акција училиштето добива два компјутери – COMMODORE 64, подарок од Јован Плушкоски, вевчанец од Белград. Во тоа време појма се немаше за компјутери, дури ни царинските служби во Битола не знаеја што е тоа – па имавме големи проблеми во превземањето. Андре, знаеше: и што се компјутери и за што служат и како се применуваат во наставата. Изгоре од желба да научи прво тој , а потоа да ги доближи до учениците. Го стори тоа, најпрво факултативно како еден вид курс за одличните ученици по физика и математика од VII и VIII одделение, потоа како изборна настава и на крај како редовен наставен предмет – информатика. Горди бевме што уште во учебната 1988-1989 година во свидетелствата на нашите ученции стоеше успех по информатика, кога другите училишта, дури и градски, појма немаа што е тоа.

И се што чиневме, и надвор во училишниот двор и внатре во училиштето, со подобрувањето на условите за живот и работа на учениците, го чиневме само заради децата на Вевчани. Успеавме со помош на родителите да инсталираме и парно греење, воведовме кабинетска настава. Со помош на разгласната мрежа имавме училишно интерно радио, печатевме училишен весник...

Што мислите кој го правеше сетоа ова? Кој, буквално, можеше да се најде во секое време и дење и ноќе во училиштето? Кој ја поправаше електричната мрежа за да има моќност при употребата на сите апарати, кој вршеше поправки на кровот, кој работеше со фотокопирот, кој поправаше се во врска со канализационата и водоводната мрежа кога беа во дефект во училиштето? Андре, и само Андре. Вака работеше во училиштето, а надвор – сетете се, кој им беше матица на младинците од Вевчани кога 19 дена штрајкуваа со глад во училишниот двор? Или, кој беше во првите редови на пат пеш до Скопје во потрага по правдата за Вевчани?

Паметам, после НОБ, во државата се бараа луѓе кои беа барем само писмени за да се отворат новите училишта во слободната земја. А кога почнаа да излегуваат образовани кадри од истите ученици што тие ги описменуваа, никој од нив не помисли да ги шутне своите „несоодветни“ учители. Напротив, ги задржуваа во училиштето, ги почитуваа, им се даваше дури и разумен рок ако сакаат да се дообразуваат, а ако беа постари се решаваше нивниот работен статус во училиштето на достоинствен начин да си го дозавршат работниот век.

А Вие? Што правите, бре, Вие? Кога го составувавте Решението, погледнавте ли уште еднаш на името горе, кому му пишувате за половично работно време. Кон какви етички норми се ориентиравте? Каде Ви е човечноста. Знаете ли што рекол Аристотел: „Само пред мојот учител ќе ја симнам капава“.

Или за Вас важи онаа вулгарна српска поговорка за пилците и квачката? Браво, терајте така. Плукајте, се бербатете. И тоа ќе Ви се памети, нели?

Вевчани, 23.07. 2015 година
Јорданка Попеска – наставник во пензија