Финското образование го укинува ракописот во училиштата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Хартијата и пенкалото ќе бидат еден вид на бајка и легенда за многу млади Финци, благодарение на новата политика на владата.
Училиштата во Финска го исфрлаат пишувањето на хартија, и се насочени кон развивање на вештините на тастатура, со оглед на тоа што официјалните лица ги прифатија пишувањето пораки и твитањето како основно средство за комуникација во модерната ера.
„Порано имавме часови за заедничко пишување за да можат децата да пишуваат побрзо, но денес тие започнуваат да пишуваат во второ одделение и имаат една година пред да преминат на концентрирање на она што го напишале, отколку едноставно како го напишале“, вели Мина Харманен од финскиот национален одбор за образование на Финска. „Тие немаат време да развијат вештини за ракописно пишување, такашто за нив оваа вештина воопшто не е корисна“.
Заедничкото пишување исто така стана потешко откако Финците воведија нови начини на пишување на букви во 1986 година. „Од стар шведски стил на ракопис преминавме во посовремен ракопис и букви кои изгледаат доста слични едни со други“, вели Харманен. „Не е лесно за децата да пишуваат - или за наставниците да читаат. Кога тие пишуваат на компјутер, појасно е“. Од 2016 година, учениците ќе учат само како да пишуваат на тастатура и ќе поминуваат повеќе време развивајќи ги вештините на тастатура - нешто што е доста важно за пазарот на трудот.
Финска е една од првите земји која ќе го укине учењето на пишување, меѓутоа промената е дел од глобалното оддалечување од ракописните документи и насочување кон дигитална комуникација. Неодамнешна британска анкета покажува дека голем број од граѓаните веќе 6 месеци не напишале ништо со рака.
Додека некои жалат поради загубата на „човечкиот допир“, некои од невролозите ја истакнуваат важноста на курзивниот ракопис со кој се развива мозокот, моторните вештини, самоконтролата, па дури и дислексијата. Француското образование обрна внимание на овие наоди и повторно го воведе курзивниот ракопис во 2000 година.
„Немаме некои коментари од родителите. Неколку баби и дедовци беа вознемирени, меѓутоа воглавно сите ја прифаќаат промената“, вели Харманен.