Во Македонија има двојно повеќе книги во библиотеките отколку што има жители

Во Македонија има двојно повеќе книги во библиотеките отколку што има жители

Кога последен пат сте биле во библиотека и сте изнајмиле книга? Се сеќавате ли на времето кога сте заборавиле да ја вратите книгата изнајмена од училишната библиотека, па ве терале повторно да ја купите оти ни сами веќе не знаете каде таа завршила?  Со развојот на технологијата голем дел од младите, па и оние од постарата генерација се почесто читаат книги на специјализирани уреди за читање на литература како што е популарниот „Киндл“, на лаптоп или пак на нивните паметни телефони. Сепак и во денешно време има многумина кои се уште го сакаат мирисот и допирот на хартијата, па знаат да купат печатени наместо електронски книги или да изнајмат книга во библиотека. „Факултети МК“ се обиде да направи анализа колку библиотеки има се уште во земјава и колку книги има во нив.




Дојдовме до неверојатен податок дека во македонските библиотеки има огромен број на различни наслови на книги и тоа -2.787.012, а севкупниот број на книги е дури 5.524.822.

Тоа значи дека во земјава севкупно има двојно повеќе книги отколку што има жители. Според Државниот завод за статистика, во Македонија има вкупно 174 библиотеки од кои најголема секако е Националната и универзитетска библиотека (НУБ) “ Св. Климент Охридски ” во Скопје. Во неа има 1.069.423 различни наслови на книги, а од нив има вкупно 1.114.272 примероци. Според статистичките податоци, во библиотеките има 154.903 активни членови, но оваа бројка постојано се менва, со оглед на тоа што секојдневно се запишуваат или пак отпишуваат членови.

Сите библиотеки во Македонија не нудат простор и за читање, а тоа значи дека во некои од нив можете само да изнајмите книги, но не и таму да ги читате. Севкупно во земјава има 3.537 места во библиотеките каде можете на мира да читате некој роман или стручна книга.

Направивме и мини анкета за да видиме дали младите се уште ги посетуваат библиотеките.

- Понекогаш заборавам и дека посојат. Толку се одвикнавме од одењето во библиотека што дури и кога не можам да најдам некој наслов не ни помислувам дека можам да го најдам во некоја од библиотеките-ни вели Александар, студент од трета година на Економскиот факултет во Скопје.  

Триесет и осумгодишната Маја од Битола вели дека знае понекогаш да помине во библиотеките и да изнајми книга.
- Имам ограничен простор во мојот стан и не можам да имам толку книги колку што сакам да читам. Затоа полесно и далеку поекономично ми е да изнајмам некој наслов иако тоа навистина се случува поретко - вели таа.

За да се доближат до денешните навики на љубителите на книги, на студентите и на истражувачите дел од библиотеките имаат и свои интернет бази за своите корисници. Па така најголемата библиотека има своја дигиталната библиотека.

„Преку својот портал Длиб.мк на посетителите им овозможуваме пристап до различни библиографски содржини како што се книги, ракописи, списанија и периодични публикации, статии, географски карти, ноти, научни извештаи, проекти и тн. Порталот има за задача да зачува, презентира и дистрибуира најразлични библиографски содржини во дигитална форма како дел од програмата за заштита на културното наследство и промовирање на нашата култура во јавноста- велат во НУБ “ Св. Климент Охридски ”.

Наставничката Румена Силјановска па ни објасни дека забележала дека учениците почесто купуваат лектири, отколку што земаат од библиотеките.

- Книжарниците нудат попусти, па повеќето родители ги купуваат лектирите за децата. Секако дека има и такви кои изнајмуваат од библиотека, но сум забележала дека повеќето мои ученици имаат свои лектири. Веројатно не можат да стигнат да ги прочитаат во роковите дадени од библиотеките, бидејќи повеќето ги читаат за време на летниот распуст – вели наставничката Силјановска.