Најубавото, но најсмртоносно езеро во светот
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Сè што е убаво не значи дека е добро, а во случајот со езерото Карачај, убавината може и да убие.
Карачај се наоѓа на југот на планината Урал и се смета за едно од најопасните езера во светот. Велат дека само еден час до него може да убие. Причината? Неговата загаденост со нуклеарен отпад.
Изминатиот век, СССР и САД биле во трка за нуклеарното оружје, а во текот на 1940-те години руска компанија започнала да произведува плутониум за создавање атомски бомби. Компанијата притоа го загадила целото езеро во околината со нуклеарен отпад.
По една деценија, компанијата престанала да фрла нуклеарен отпад во близина на езерото и отпадот започнал да се чува во големи градби. Во 1957 година, градбите експлодирале со огромна моќ и околу себе исфрлиле 70 тони радиоактивен отпад речиси два километри во воздухот. Облакот од прашина ја загадил површината и водата за пиење за 270.000 граѓани.
Потоа било одлучено отпадот да се фрла во езерото бидејќи се верувало дека загадувањето ќе остане ограничено на неговото подрачје. Јавноста дознала дека езерото е опасно за здравјето години подоцна. Луѓето кои живееле во околината заболувале од смртоносни болести, а се раѓале 25% повеќе деца со деформитети.