Дали нашите ученици мислат со своја глава?

Дали нашите ученици мислат со своја глава?

Една од најважните улоги на образовниот систем е да ги научи учениците да мислат со своја глава, односно да не учат само напамет, туку и да размислуваат. Ваков систем на образование имаат пред се` скандинавските земји, но кон истото се стремат и останатите европски земји. Меѓународните стандардизирани тестирања како ТИМС или ПИСА го бараат токму тоа, учење со разбирање. Тестот ќе го реши само ученик кој не научил напамет, туку кој има т.н употребливо знаење. Ние, како и останатите земји од нашето опркружување, не покажуваме добри резултати на овие тестирања, што покажува дека наши ученици не знаат да размислат за да дојдат до решение. Дали нашето образование, но и наставниците се трудат да ги научат учениците како сами да дојдат до решенијата и како сами да осознаат и научат, ги прашавме родителите, но и просветните работници. Мислењата се поделени.




Повеќето родители кои ги анкетиравме велат дека децата учат напамет, наставниците ретко излегуваат од стандардните шеми, но и или немаат време или не сакаат да се потрудат да создадат генерации кои ќе мислат со своја глава.

- Иако сум задоволна од наставничките, многу време поминувам со син ми за да му ги дообјаснам лекциите. Често забележувам дека набубал напамет, без да ја сфати суштината. Сега кога го преслушував пред да тргне во четврто одделение забележав дека многу од наученото заборавил. Тоа значи дека учел напамет – вели родителот Драгица Ѓорѓевска.

Друг родител пак смета дека проблемот е во учебниците и наставните програми кои се така направени да создаваат генерации кои не размислуваат.

- Само долги лекции и лошо дефинирани поими има во учебниците. Хемија учат без експерименти, биологија без надгледни средства. Некои лекции јас не ги разбирам, а не пак децата. Наставниците немаат многу време да им се посветат. Барем така ни се жалат на нас родителите. Но, јас мислам дека тој што сака вистински да ги научи учениците ќе најде време. Но, премногу имаме заталкани наставници во образованието кои на работа одат само колку да им помине денот– вели Борис В, родител на осмооделенец.

Наставничката Лидија Блажевска објаснува дека проблемот не може да се гледа еднострано и дека до овие состојби довеле многугодишни нерешени проблеми во образованието. Таа се согласува дека една од најважните работи на наставниците е да ги научат децата сами да доаѓаат до заклучоците, а и да ги вреднуваат оние што знаат да размислуваат.

- Премногу новини воведени наслепо, без да се води сметка за најважните-децата. И ние веќе не знаеме каде сме и што треба да правиме. Има и лоши наставници, како што има неработници во било која професија. Знам многу мои колеги кои би ставиле пониска оценка зашто ученикот не научил како што е во книгата, без оглед на тоа што одговорил точно. За мене ова е суштината на образовниот процес, но за жал сите не мислат така. Проблемов е голем и сите треба да работиме да го решиме, од институциите, до просветните работници, но и родителите и децата – вели таа.