Фото: Најубавиот предел во Македонија

Фото: Најубавиот предел во Македонија

Во стилот на Руски документарен филм

Моето име добро го знаете. Многу од Вас биле кај мене, некои на гости, некои на летување а некои во истражувачки мисии. И тие што не биле ме знаат. Тука сум повеќе од илјадници години и ќе останам тука и понатаму. Паметам многу, ама не кажувам никому. Оставам Вие сами да откриете, да истражите па да прераскажувате.

Поминувате низ мене со бродови, се восхитувате на убавата природа и убавите градби, а секако и на најубавата планина во Македонија - Галичица. Има посебни предели кои ќе Ве остават без здив. За нив да ги видите и доживеете најубаво се плови со кајче. Кајчето е како забен конец. Ќе се пикне и таму каде големите бродови не можат, а секогаш плови полека како искусен морнар.



Денес ќе пловиме со кајче од Љубаништа до Трпејца. Времето е топло, благо и пријатно без бранови. Небото е сончево без облаци а боите се живи и сјајни.



Поаѓаме од апартамните на Вангел и одиме право до Заум. Веднаш се останува без здив....неверојатна убавина. Човека да го однесеш со врзани очи ке мисли дека се наоѓа во некој морски крајолик. Овде природата е прекрасна. Длабочините веднаш се постигнуваат а камената околина ја чува водата чиста и бистра како планинска река. Прво што здогледуваме е стара црква во Византиски стил а погледот на неа Ве враќа стотици години наназад. Света Богородица Заумска е фасцинантна градба од 1361 година до која се стига само преку мене (езерото). Сите цигли и градежен матерјал се пренесувани на кајче. Едно време запустена, но денес наликува како да се превзема нешто за зачувување на ова богатство.









Фреските се меѓу поубавите во Македонија. Има неколку единствени како што е претставената на сликата – фреската на Света Ана.



Брегот наликува на Медитеранот, составен од ситен камен измиен од езерото во чиста бела боја.



Можеби на нешто Ве потсетува ова место. Како да сте го виделе негде другде. На море можеби, на Јонско или Јадранско, нели?

Овде и рибите, кои ги има во изобилство фаќаат сенка под кајчето.



Продолжуваме за македонскиот Сент Тропе или како што велат Скопјаните - овде е шемата. Помладите можеби не знаат. Пловиме кон Трпејца.



Постојат плажи на кои само со кајче може да дојдете. Повелете сами или во друштво и поминете еден од најубавите денови во вашиот живот. Романтично е на пуста плажа, опкружени со тиркизна боја насекаде околу Вас.



Стигаме до Трпејца која наликува на Азурното крајбрежје.



Овде пејсажот е чудесен. Дури и карпата плива сама во водата.



За Трпејца можеме многу да кажеме, но тоа ќе го оставиме за некоја наредна прилика. Доволно е сега да го привлечеме вашето внимание, за сами да ја посетите. Боите кои овде ќе ги видите и доживеете, ретко каде ги има на друго место.



Се враќаме назад покрај брегот накај Љубаништа.

Поминуваме и покрај Св. Петар и Св. Никола, полу-пештерски цркви каде фреските се нацртани на каменот од планината. Ова место некогаш било сакрален објект од високо значење, но најинтересно е тоа дека местото каде се насликани фреските не го фаќа дожд дури ни при најсилни бури. Неговата специфична убавина плени и ја разгорува имагинацијата за тоа како луѓето живееле во минатите векови. Многу од испосниците дел од своето битисување ги поминале во овие краишта.

Недопрената природа постојано те повикува да застанеш и да ги посетиш многуте диви мали бели плажи. Застануваме да се напиеме вода од еден од многуте извори што извираат од под Галичица. Изворот има температура од само 6 степени Целсиусови. Местото каде изворската се меша со езерската вода наликува на масло.



За крај, како шлаг на тортата ќе отпловиме до Св. Наум. За овој манастир мислам дека нема што да кажеме а веќе да не го знаете. Манастирот кој ги чува моштите на светецот е симбол на Македонија со илјданици години. Тоа е исто така и симбол на Словенската писменост и култура.



Вртиме назад со кајчето и полека се враќаме во Љубаништа.



А секако, ете го и Г-нот Џонатан Ливингстон кој цело време не следеше ловејќи по некое рипче попат.

Пишува: Мирко Тодоровски