Се сруши дел од покрив во ходник во студентскиот дом Гоце Делчев
На социјалните мрежи Твитер, а потоа и на Фејсбук, од утринава почнаа да кружат фотографии од срушен таван во ходник во студентскиот дом Гоце. Во некои од блоковите, дел од таванската просторија е срушена. Од неофицијални извори соопштено е дека нема повредени. Во обид да добиеме повеќе информации, ја побаравме телефонски директорката на Државниот студентски центар, но за жал, беше недостапна за одговор.
Регираа и пленумци на Фејсбук:
"Домовите се распаѓаат исто како и системот во државата, но ние сè уште немаме добиено нов специјален студентски дом за да се спасат студентите живи од бедата во која живеат и која се руши околу нив.
Ова е блокот Б во студентскиот дом "Гоце Делчев", во кој пред некој ден како што може да се види на сликите се срушил дел од кровот во еден од ходниците.
Овојпат немало повредени. Дали и наредниот пат нашите колеги ќе бидат еднакво среќни или пак до тогаш ќе добијат нов (специјален) студентски дом?" напишаа на својата
Фејсбук страна.
Во текот на летово градежни работи се одвиваа во блокот „Б“ во домот, во кој пред една и пол година имаше пожар. Иако годинава студентите требаа да се вселат во него, вратите од овој блок сеште не се отворени.
Во меѓувреме и официјално се огласија писмено од Државниот студентски дом - Скопје.
Во целост го пренесуваме соопштението
"Предмет: Соопштение на Државниот студентски дом – Скопје
По однос на информациите објавени во медиумите, кои се однесуваат на студентскиот дом “Гоце Делчев“, Државниот студентски дом – Скопје информира дека веднаш е интервенирано и извршена е санација на настанатата состојба, за којашто има индиции дека е намерно предизвикана, односно се работи за свесно и намерно уништување на инвентарот.
Дополнително би сакале да информираме дека поради дотраеноста на студентскиот дом “Гоце Делчев“, изграден пред повеќе од 4 децении, а во насока на унапредување на студентскиот стандард и капацитетите за сместување на студентите, започна процесот на темелна реконструкција на сите објектите во состав на овој дом, со средства обезбедени од страна на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука.
Реконструкцијата се реализира етапно, во неколку фази и согласно предвидената динамика во акцискиот план. Првата фаза, која подразбира темелна реконструкција на блокот Б од аспект на градежните активности е целосно завршена, а во меѓувреме во тек е и набавката на опрема. Овој објект во текот на месец ноември ќе биде пуштен во употреба. Потоа ќе следи реконструкција и на другите блокови, мензата и партерот, за што веќе е избрана фирма која ќе ги изработи проектните решенија. Целосната реконструкција се очекува да биде завршена во текот на 2017 година.
Со почит,
Државен студентски дом - Скопје"