Им асистирав на српските кардиолози за време на коронарографиите

Им асистирав на српските кардиолози за време на коронарографиите

Просекот од 9,76 на Медицинскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, го прави Страхил Тодоров еден од најдобрите студенти во неговата генерација. Овој млад и амбициозен човек е вистинско богатство за Македонија, па токму затоа, треба да се најде начин да биде задржан на ова тло, зашто во спротивно потенцијалот ќе го препознае и користи некоја друга држава.



„Факултети.мк" го цени и промовира квалитетот на нашите студенти, па токму овие како Страхил заслужуваат целосна поддршка. Тој во ова интервју зборува за своите планови, за искуствата од студиските престои, а споделува и ставови за перспективата на младите лекари.

ФАКУЛТЕТИ.MK: Шеста година си на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев" во Штип. Како е да се биде на клиничка пракса? Што учиш од докторите во штипската болница?

СТРАХИЛ: Мојата клиничка пракса, согласно студиската програма трае цела шеста година. Во двата академски семестра треба да поминеме шест турнуси на шест клинички одделенија, по три во секој семестар. Клиничката пракса е одлична можност на директен начин, практично да се потврди теоретското знаење кое студентот го акумулирал во себе претходните пет академски години. Во најголем дел истата се сведува на земање анамнеза и статус на пациентите, базични медицински прегледи од пропедевтички аспект, како и надгледување на специјалистичката дијагностичка и куративна дејност. Докторите од Клиничката болница во Штип најчесто се клинички асистенти, кои имаат долгогодишно клиничко искуство и знаење од соодветната област. Нивната колегијалност и љубезност ми овозможува да ја практицирам теоријата на дело, во простори и инфраструктурни услови кои се далеку од општоприфатените медицински стандарди. Подготвени се да ги објаснуваат нејаснотиите, да дискутираат за одредени несекојдневни клинички случаи, да слушнат наше мислење. Во една реченица, чест и привилегија е да се биде со нив, рамо до рамо на утринските визити низ болничките соби.

ФАКУЛТЕТИ.MK: Твојот сон е еден ден да станеш кардиолог. Ги следиш ли најновите вести од таа област?

СТРАХИЛ: Точно, моја желба е во иднина да станам инвазивен кардиолог, поточно субспецијалист кој се занимава со интервентни процедури врзани со кардиоваскуларната патологија. Посебно сум горд на двете позиции кои успеав сам да ги добијам оваа година, по пат на електронска апликација, која опфаќаше професионална биографија (CV) и писма со препораки од ментори-кардиолози. Тоа се: членството во Европската Асоцијација за Перкутани Кардиоваскуларни Интервенции (EAPCI) и членството во Советот за Хипертензија при Европското здружение за кардиологија (ESC), како и членствата во 15-те работни групи на ESC. Токму овие членства ми даваат можност секојдневно да ги добивам најновите информации, вести и промени на протоколите за работа со пациенти. Друг одличен начин за стекнување знаења се вебинарите од различни области. Секој месец се одржуваат по 3-4 вебинари во Куќата на срцето во Софија Антиполис, Јужна Франција. Следејќи ги истите, имам можност да учествувам во многуте клинички дискусии и да поставувам прашања на експертите во текот на вебинарот. Редовно ги следам видео-подкастите од кардиолошките конгреси ширум Европа, и секако, ги споредувам протоколите за работа помеѓу четирите светски признати кардиоваскуларни организации: ESC, Американскиот колеџ за кардиологија (ACC), Американската асоцијација за срце (AHA) и Канадското кардиоваскуларно здружение (CCS).

ФАКУЛТЕТИ: Неодамна беше на студиски престој во Институтот Дедиње, највисоката кардиоваскуларна установа во Србија. Со какви искуства се стекна таму и како стаса таму воопшто?

СТРАХИЛ: На покана на проф. д-р Раде Бабич, вонреден професор по Интерна медицина и кардиологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Белград, Република Србија, бев на стручен научноистражувачки престој на Одделението за интервентна кардиологија и радиологија на Клиниката за кардиологија при Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње“ во Белград. Под менторство на проф. Бабич, кој воедно е и интервентен кардиолог и началник на Одделението за клиничка кардиологија, за време на престојот работев на својот дипломски труд, со наслов: „Фреквенција, згрижување и прогноза на акутните перипроцедурални компликации при изведба на коронарографии и други видови перкутани интервенции“. Во тој едномесечен период работев на прием на пациенти на Одделението за прединтервентна подготовка на пациентите и постинтервентна нега, асистирав на голем број коронарографии, надгледував бројни коронарни и периферни балон-дилатации и стент-имплантации и бев пасивен член на кардиоваскуларниот конзилиум. Во текот на престојот соработував и со д-р сци. мед. Лазар Ангелков, субспец. кардиолог-електрофизиолог, Управник на Клиниката за кардиологија, како и со проф. д-р Драган Сагич, редовен професор по радиологија, шеф на Катедрата по радиологија при Медицинскиот факултет во Белград и началник на Одделението за интервентна кардиологија и радиологија, кој понуди неколкумесечна бесплатна обука од областа на интервентната кардиологија, веднаш по моето дипломирање.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Каде се гледаш себе, овде или надвор од државава? Тешко ли е да се биде доктор во Македонија, што мислиш дека е предност, а што недостаток?

СТРАХИЛ: Искрено, лично себе си се гледам надвор од државава, барем кога станува збор за специјалистичката наобразба и академското напредување. Македонија е мала земја за да може да пружи простор за изработка на широки, самостојни популациони студии, со кои амбициозните млади лекари би можеле да им парираат на оние колеги од останатите европски држави. Најголем проблем е што кај нас нема национални регистри и официјални бази на податоци, кои се темелот и основата на секоја една епидемиолошки и статистички издржана и оправдана студија. Во нашата држава е многу тешко да се биде млад лекар, пресно дипломиран и лиценциран. Места за вработување во јавните здравствени установи има малку, во споредба со квантитетот на кадарот кој го продуцираме. Приватните здравствени установи отвораат позиции за вработување, но немаат утврдена минимална плата од капитацијата што ја добиваат, за тоа колку мораат да го платат младиот лекар од општа пракса. За жал, предности има се помалку. Очигледно, познавањето на менталитетот на народот и немањето јазични бариери се најголемите предности. Недостатоците се оние на системот, на неорганизираната континуирана медицинска едукација, како и финансиската тешкотија за специјалистички напредок на младите лекари.

Интервју на Страхил за Факултети.мк од минатата година: Се расправам со професорите за да видам кој од нив колку знае

Автор: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk