Интервју со Дарко Стоилов - Главен веб девелопер во Venikom Mobile

Интервју со Дарко Стоилов - Главен веб девелопер во Venikom Mobile

Најпознатата македонска компанија за конципирање и изработка на мобилни апликации, Venikom Mobile, изминатиов период е често споменувана во медиумите благодарение на својот нов продукт Lynx.press со кој медиумските издавачи можат брзо и едноставно да добијат мобилни апликации за Android и iOS. Еден од главните луѓе во тимот е и Дарко Стоилов кој работи како Главен веб девелопер во Venikom Mobile, со кого денеска имаме задоволство да поразговараме во интервјуто во продолжение.


Дарко Стоилов: "Создадовме македонски продукт кој очекуваме да го промени дигиталното издаваштво во светот" 

Факултети.мк: Релативно млад доби можност да работиш на проекти за некои од најголемите светски брендови и да бидеш на чело на веб девелопмент одделот во Venikom Mobile. Кажи ни нешто повеќе околу минатите проекти во кои си имал можност да придонесуваш?

Дарко: Уште при завршувањето на првата година од моите студии почнав со пракса во Venikom Mobile, а по неколку месеци почнав и со работа, секако на скратено работно време поради тоа што паралелно ги слушав и студиите од мојот факултет. По кратко време заедно со постарите колеги во Venikom започнавме изработка на систем за генерирање дигитални изданија на магазини, весници и порфолија кој во тоа време беше доста револуционерен продукт на светско ниво и полека но сигурно ја добиваше довербата кај издавачите. Подоцна имам работено различни типови на апликации за повеќе брендови од кои дел се`уште се наши клиенти, а посебно ми се драги мобилните апликациите за светски познатите медиумски брендови како што се Vogue , GQ , Glamour , Chanel и BushMills.

Факултети.мк: Дали може да ни откриеш малку повеќе за Lynx.Press, проектот на кој работиш во моментов ?

Дарко:
Lynx.press е easy-to-use плагин наменет првично за медиумите кои ја користат WordPress платформата, со кој издавачите можат многу брзо и едноставно да добијат топ квалитетни мобилни апликации за Android и iOS, по екстра поволни услови и без никаква иницијална инвестиција.

Предводени од искуствата кои ги имаме стекнато при развивање на апликации за некои од најпознатите медиумски брендови во светот, истовремено со тоа знаејќи ги и потребите на издавачите како и навиките на корисниците, со Lynx.press создадовме македонски продукт кој очекуваме да го промени дигиталното издаваштво во светот и да биде силен boost за медиумите во смартфон-ерата.

Факултети.мк:Која технологија за програмирање ја користиш и зошто?

Дарко: Генерално, ние во Веником секогаш за секој нов проект се обидуваме да ги следиме последните трендови за развој на софтвер, како за веб така и за мобилните апликации. Водени од ова правило и Lynx.press системот е поставен во PHP framework Laravel кој последните години ја освојува PHP заедницата.

Факултети.мк: Работиш во доста динамична индустрија која се менува од ден на ден. Каде најчесто учиш нови технологии?

Дарко: Работите во ИТ индустријата се менуваат толку брзо и доколку не се прилагодиме на динамиката да ги учиме новите технологии и принципи што побрзо, да бидеме иновативни и креативни можеме со тек на време да ги најдеме во музеј :) .Најголем извор за новите работи секако е интернетот, со редовно следење на Community групите на технологиите кои ги работам.Колку што дозволува времето и обрските се трудам и континуирано да посетувам ИТ настани во Македонија и во поширокиот регион.

Факултети.мк: Какви се твоите спомени од формалното образование. Што ќе им порачаш на идните студенти кои сакаат да ги следат твоите чекори и да станат успешни веб девелопери?

Дарко:
Образованието е неопходен чекор за секој кој што сака да заплива во било кој сегмент од ИТ индустријата. Најважно од се е да се знае точно што се сака и целосно да се насочат кон тоа. Формалното образование може да биде само отскочна даска, а за се друго е потребно многу труд, постојано учење и многу работа.На идните студенти ќе им порачам да го вложуваат своето време и енергија во образованието и учењето нови работи секој ден, бидејки тоа е како бумеранг и ќе дојде време кога тоа ќе им се врати и исплати.