Од септември, нема да може секој да биде наставник
Подготвил:
Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk
Примената на Законот за Академија на наставници ќе започне од септември 2016-та година. Ова тело ќе организира обуки за идните наставници, кои на крајот ќе полагаат завршен испит, а ако го положат, ќе се стекнат со лиценца за работа во основните и во средните училишта
Академијата ќe организира обука за наставници, а по усшено завршената обука, наставникот ќе добие лиценца за работа. Програмата за обука е организирано стекнување и усовршување на практичните и теоретските знаења и вештини потребни за независно, самостојно, стручно и ефикасно вршење на работата во наставата.
Програмата за обука се организира за наставниците да се стекнат со практични и теоретски знаења и вештини, со цел да се создадат високообучени, стручни и ефикасни наставници во основните и средните училишта, како и за стекнување на професионални компетенции за изведување настава во основно и средно училиште.
Наставници кои веќе работат во образование се на став дека треба да постои ваков дополнителен филтер, бидејќи праксата покажува дека има поединци кои ги немаат потребните знаења и вештини за да можат да работат со деца.
Марија Костовска, наставник по македонски јазик во основното училиште „Блаже Конески" смета дека е оправдано постоењето на ваква институција.
- Мое лично мислење е дека во ред е да постои Академија за наставници и секако дека со нејзиното постоење ќе се зајакне квалитетот во наставата. Но, со самото нејзино постоење таа треба да понуди знаење и услови кои ќе му овозможат стручно и професинонално усовршување на идниот наставник и секако да му го покаже вистинскиот пат на наставникот во поглед на воспитно–образовниот процес - вели Костовска.
Ќе се полага приемен испит
Законот предвидува најпрво кандидатите да полагаат приемен испит за упис во Програмата за обука, која ќе се организира најдоцна до 30 септември во годината.
Процената на карактеристики на лицето за подобност со работа со деца и адолесценти во воспитно-образовната дејност (тест на личноста) се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на работите на наставник и се состои од тест кој се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврдена листа на прашања.
За кандидатите вработени наставници во основните и средните училишта кои конкурираат за прием во обуката услов за прием е завршено најмалку високо образование.
Со стекнување на статусот на кандидат за обука во Академијата, учесникот се стекнува со право на месечна стипендија на определено време за периодот на спроведување на обуката. Висината на стипендијата ќе биде колку просечната месечна нето плата во Република Македонија.
Времетраењето на Програмата за обука е различна. Кај учесниците со завршени студии на наставнички факултет, програмата за обука трае вкупно осум месеци и тоа три месеци теоретска настава и пет месеци практична обука. А пак, кај учесниците со завршени студии на ненаставна насока на наставнички студии, односно на студии кои немаат наставна насока, програмата за обука трае вкупно 12 месеци и тоа четири месеци теоретска настава и осум месеци практична обука. Кај учесниците вработени наставници во основните, односно средните училишта, програмата за обука трае шест месеци и тоа три месеци теоретска настава и три месеци практична обука. Теоретската настава може да се реализира и во текот на месеците јуни, јули и август.
Добиената лиценца треба да се обновува
На крај, секој кандидат ќе полага завршен испит. На кандидатот кој се стекнал со лиценца за наставник при вработувањето во училиште му се исплаќа плата за наставник зголемена за 3.000 денари месечно.
Наставниците кои се стекнале со лиценца за наставник имаат обврска за обновување на лиценцата. Лиценцата која се обновува по трети пат станува трајна. При обновување на лиценцата кандидатите полагат тест на интегритет и тест на личноста.