За тоа што е, а што не е дозволено, колку и како можат да спортуваат оние што прележале Ковид-19, побаравме одговори од д-р Гордана Буцевска-Атанасова, специјалист по семејна медицина, и од д-р Лидија Попоска, кардиолог
Голем број од луѓето што се соочија со Кодив-19 извесно време по оздравувањето одложуваат да почнат со физичка активност поради страв од последиците што ги носи оваа вирусна инфекција. Многумина не знаат кога и колку можат да спортуваат. Дополнително, дел од пациентите ги збунува тоа што по неколку недели од закрепнувањето чувствуваат замор, недостиг на воздух, болки во зглобовите, болка во градите, болка во мускулите, главоболка, срцебиење и сл. Најчесто тоа се повозрасни лица или лица со придружни болести, но неретко и здрави млади луѓе се соочуваат со последиците од болеста и по неколку месеци.
Според Светската здравствена организација, средното време од појава на симптомите при инфекција со коронавирус до комплетно закрепнување е две недели. Кај пациентите со лесна и умерено тешка клиничка слика е 2-3 недели, а 3-6 недели е кај пациентите со потешка клиничка слика.
За тоа што е, а што не е дозволено, колку и како можат да спортуваат оние што прележале Ковид-19, побаравме одговори од д-р Гордана Буцевска-Атанасова, специјалист по семејна медицина, и од д-р Лидија Попоска, кардиолог.
Рекреативно пешачење во природа, возење велосипед или лесни физички вежби во домот се активности кои не само што се дозволени, туку се и препорачани од страна на лекарите и за пациентите со прележан коронавирус. Почетокот треба да биде постепен, со дозирано оптоварување и консултација со лекар при преминување кон активности што бараат поголем физички напор.
Одлука според симптомите
- Започнувањето со лесни физички активности е индивидуално, во зависност од тежината на прележаната инфекција. Доколку била во полесна форма, корисно е по 1-2 недели од закрепнувањето да се изведуваат лесни физички вежби. Оние кај кои болеста била во потешка форма, се препорачува да направат одредени тестови и да се консултираат со пулмолог или кардиолог - вели д-р Буцевска-Атанасова.
Д-р Гордана Буцевска-Атанасова / Фото: Приватна архива
Според неа, за поголем физички напор треба да се почека.
- Скијањето, планинарењето, трчањето и брзото одење се активности што бараат поголем физички напор, па со тоа не би биле прв избор за враќање на физичка активност по прележување на коронавирусната инфекција - вели Атанасова.
Заморот од мали движења е честа појава кај луѓето што закрепнуваат од Ковид-19. Д-р Атанасова вели дека во вакви ситуации нема потреба од страв и паника.
- Нема потреба од страв, но оптоварувањето треба да е дозирано и следено со почести одмори. Доколку подолго време перзистира ваквото чувство, пациентот треба да се јави кај матичниот доктор за да бидат извршени одредени испитувања со кои би се утврдило дали причината за заморот се должи на некоја секвела од вирусот - објаснува таа.
Исплашени и здравите
Минатата година не само заболените, туку и здравите луѓе, поради различни ограничувања или стравови, ја намалија физичката активност, вели д-р Попоска, и покрај тоа што таа го подобрува имунитетот.
Д-р Лидија Попоска / Фото: Принтскрин, Јутјуб
- Како кардиолог, секогаш ќе бидам на страната која го поддржува рекреативното спортување, како модус на живот на здравите луѓе, но исто така и на оние што имаат нарушено здравје, согласно нивните можности. Физичката неактивност и седентарниот начин на живот се добро познати ризик-фактори за нарушување на физичкото и ментално здравје и се поврзани со зголемување на смртноста. Но, кога се работи за заболувањето предизвикано од коронавирус, сепак, претпазливоста треба да биде на прво место – вели д-р Попоска.
Лекарите ги охрабруваат и пациентите што ја пребродиле болеста без симптоми. Не треба да се плашат да започнат со вообичаена физичка активност, па постепено да го зголемуваат интензитетот.
Спортистите да бидат највнимателни
Професионалните спортисти можат да почнат со спортување една недела по целосното закрепнување, но со 50% помал интензитет од вообичаеното тренирање. Според д-р Попска, за 3-4 недели би требало да се врати силата како и пред заболувањето.
- Најголема претпазливост е потребна кај спортистите кои во текот на болеста имале какво било засегнување на срцето, особено ако станува збор за воспаление на срцевиот мускул или нарушувања во срцевиот ритам. Консултација со кардиолог би била неопходна во овие околности и следење на советите во поглед на предложени испитувања или ординирана терапија - вели таа.
Трпеливоста е важна во овие мигови, нагласуваат нашите соговорнички. Силата кај некого доаѓа побрзо, кај некого подоцна, но никако не треба да размислуваат за откажување.
- Континуираноста е поважна од интензитетот во активностите, треба да бидат трпеливи, да не се разочаруваат брзо, како и да не бидат премногу строги кон себеси поставувајќи си преголеми цели. Силата постепено ќе им се враќа, но имајќи предвид дека сите ние сме различни индивидуи со свои одлики, секој од нас со различна брзина закрепнува. Ние, лекарите, сме секогаш на располагање за да дадеме совет, поддршка, како и дополнителни прегледи и испитувања со цел пациентите да го постигнат својот оптимален исход - рече д-р Атанасова.
Во комбинација со физичката активност оди и редовна посета на природа, чист воздух, задолжително консумирање здрави оброци, многу течности и витамини. Сето ова помага за побрзо закрепнување.
Фото: Фрипик
Препораки од Институтот за спортска медицина од Њујорк
Според Институтот за спортска медицина од Њујорк, препораките од август 2020 година за отпочнување на физичка активност се базираат на клиничка форма на болеста.
1.
Симптоми на респираторниот систем - се препорачува мирување од најмалку една недела по исчезнување на симптомите, а потоа постепено враќање кон физичката активност, со следење на дишењето и консултација со лекар доколку има промени.
2.
Нарушување во системот на коагулација на крвта - се препорачува многу рано започнување со физичка активност со низок интензитет, со што би се намалила можноста за згрутчување на крвта во венскиот систем.
3.
Нарушување на системот за варење на храната - може да се започне со лесна физичка активност веднаш по воспоставување на електролитниот дисбаланс и соодветно хидрирање на телото.
4.
Мускулно-скелетни симптоми- се препорачува постепено враќање кон вообичаеното ниво на физичка активност, која се практикувала пред заболувањето.
5.
Воспаление на срцевиот мускул – се препорачува мирување во времетраење од 3 до 6 месеци. Иако регуларната физичка активност долгорочно го подобрува кардиоваскуларното здравје, во тек на вирусна инфекција може да биде повод за појава на различни нарушувања во срцевиот ритам кои може да го загрозат животот.