Македонија раѓа талентирани истражувачи, но не знае или не сака да ги задржи, вели Ивона Василеска, нуклеарна физичарка од Струга која работи во Словенија

Македонија раѓа талентирани истражувачи, но не знае или не сака да ги задржи, вели Ивона Василеска, нуклеарна физичарка од Струга која работи во Словенија

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Пред две години нуклеарната физичарка Ивона Василеска од Струга дојде до откритие што може да помогне во производството на поевтина струја во цела Европа, а изградбата на фузискиот реактор на ИТЕР во Франција, во кој се имплементира нејзиното решение, е во тек.

Ивона Василеска сакала да студира физика уште во основно училиште, но во Македонија нема голем избор на области за студирање. Се образовала во Русија, каде што завршила додипломски и магистерски студии од областа на атомска и нуклеарна физика како првенец на генерација.

- Сакав да студирам физика уште кога бев основно училиште, но, за жал, во Македонија немаше голем избор на насоки и затоа решив да студирам во Русија, која несебично вложува не само во физиката, туку и во секоја научна област. Кога таму ме избраа за првенец на генерација на постдипломските и магистерските студии, знаев дека ќе продолжам со наука, но повторно се судрив со тоа што за физика немаме научни центри и проекти како што има во Словенија. Затоа решив по магистерските студии да се преселам во Словенија, да се вработам како истражувач и да се запишам на докторски студии - Василеска раскажува зошто заминала од Македонија.



Докторира во Словенија во 2020 година, каде што покрај започнувањето со научноистражувачката работа, предава четири предмети од областа на конструкциската техника и компјутерското 3Д-моделирање на два факултети на Универзитетот во Љубљана, на Машинскиот факултет и Факултетот за промет и поморство. Во моментов работи на проекти на ИТЕР - светска организација од Франција која работи на искористување на плазмата како нов вид енергија.

- По завршувањето на докторатот, соработката со ИТЕР продолжи. Имаме заеднички научноистражувачки проекти каде што ги оптимизираме и развиваме нови програмски кодови за симулација на плазмата во фузискиот реактор, кој ќе се користи како нов извор на електрична енергија. Моментално, изградбата на ИТЕР е во тек, минатиот месец беше испорачан и вакуумскиот систем од реакторот. Сите се надеваме дека во наредните неколку години ќе биде изгенерирана и првата плазма - открива Ивона.

Непосредно пред завршувањето на докторатот, нејзиното истражување беше избрано како најдобро меѓу 50 други од страна на Француската комисија за алтернативни енергии и атомска енергија (CEA) и Springer.



- Ова признание ме увери дека откритието што го направив не само што ќе биде тема за докторско истражување, туку и ќе има внатрешна вредност. Истражувањето кое го спроведував во рамките на докторатот се тестираше и на експерименталните фузиски реактори во Англија, Чешка и во Кина. Со тоа добивме можност заедно со уште други десет европски научници во ова научно поле да продолжиме со надградување на моето истражување, а тоа резултира во добивање европски проект со финансиска поддршка во износ од неколку милиони евра. Со тоа, првиот чекор што го направив и започнав да ја истражувам тематиката која сега најде примена и на другите фузиски реактори, се потврди дека е правилен и успешен - објаснува Василеска.

Додека студирала во Москва, Ивона истражувала и на полето на плазмата кое е можеби најмалку комерцијализирана област на физиката. Но, во 2023 година науката постигна значаен напредок во експериментирањето со плазмата.

- Во 2023 година постигнавме значителен напредок во Кина, каде што експерименталниот фузиски реактор успеа да ја задржи стабилноста на плазмата за 400 секунди, а за тоа време плазмата постигна температура два пати повисока од таа на Сонцето, што го прави овој експеримент прв во историјата на човештвото. Сите научници што работат во научните центри на експерименталните фузиски реактори во светот соработуваат меѓу себе за да го забрзаат процесот на изградба на ИТЕР.
Научните истражувања, не само во областа на фузијата, туку и во другите природни науки, траат со години или децении. Науката не е како индустријата каде што се добиваат брзи резултати. Пример за тоа е фузискиот реактор во Кина, чија изградба започнала во 1998 година, првата плазма била изгенерирана во 2006 година, а по 17 години е постигната стабилна плазма во траење од 400 секунди и температура поголема од Сонцето. За да се биде научник, треба прво да се има љубопитност и да се сакаат истражувањето и создавањето на нешто ново - открива македонската научничка.



Во изминативе неколку години, поради големиот напредок во областа на вештачката интелигенција, заедно со научниците од Институтот „Јожеф Стефан“ од Словенија ги соединиле суперкомпјутерството и вештачката интелигенција, а го забрзале процесот на калкулации на кодовите од машинско учење. Работат и на заеднички проект и нивните научни истражувања наскоро ќе бидат објавени во неколку научни трудови.

- Секундарна истражувачка област, која ја започнав уште за време на моите докторски студии, е истражувањето во областа на суперкомпјутерството, односно High-Performance Computing. Нумеричките кодови што ги користиме за симулација на плазмата се извршуваат на суперкомпјутерите низ светот поради нивната голема моќ. Направив истражување за тоа како на полесен начин нумеричките калкулации во кодовите за симулација на плазмата, кои досега се изведуваа на централни процесорски единци (CPU), можат да се извршуваат на графички процесорски единици (GPU), што ја забрзува симулацијата на повеќе од 500 милиони наелектризирани честички од неколку месеци на неколку недели. Врз основа на таквите истражувања успешно добивме и финансирање на два проекта - истакна таа.

Василеска вели дека Македонија раѓа талентирани истражувачи, но, за жал, не знае да ги задржи. А за тоа е потребен систем, но македонскиот не е променет и не ѝ дозволува на науката слобода за создавање нови идеи.



- Македонија има врвни научници во секоја област, а исто така и добри специјалисти доктори. Меѓу студентите на кои им предавам има и од Македонија, кои и покрај јазичната бариера во прва година, сепак полагаат колоквиуми и испити со високи оценки. Сите тие го стекнале своето основно, средно, а некои и своето високо образование во Македонија. А тоа е доказ дека нашата држава раѓа талентирани истражувачи, доктори итн., но, за жал, или не знае или не сака да ги задржи. Самата основа во науката е слободата за создавање нови идеи, нивно истражување и докажување. За жал, системот во Македонија не го дозволува тоа. Сѐ додека на раководни позиции се луѓе кои не се соодветни за таа работна позиција, системот оди во колапс. Работната позиција не е поврзана со образовниот степен; може некој да има и три дипломи, ама да нема ни основно познавање во тоа. Додека системот не се промени, за жал, ќе има повеќе иселувања отколку враќања - додаде нашата врвна научничка.

Фото: приватна архива