Во ова училиште учениците ги оценуваат наставниците

Во ова училиште учениците ги оценуваат наставниците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека студентите на некои факултети обично на крајот од семестарот или годината одговараат на детални анкети за задоволството од предметите и работата на професорите, ваква практика ретко се спроведува во училиштата. Но, оваа практика на ниво на училиште ја има приватната гимназија „Едукос“ во Хрватска. Директорот објаснува како изгледа тоа, но и зошто, според него, ваквото оценување не е возможно во државните училишта.

Хрватска ја најави, па ја повлече идејата за оценување на наставниците

Хрватска прво најави, а потоа ја повлече идејата директорите на училиштата да ги оценуваат наставниците и другите вработени. Дали ваквото или слично оценување на ефикасноста на вработените во училиштата некогаш ќе стане реалност, останува да се види. Наставниците на факултетите веќе добиваат повратни информации за својата работа од студентите, преку детални анкети што се спроведуваат на крајот од семестарот или академската година.

Вакви анкети во повеќето училишта не постојат, освен ако некој наставник не ги спроведе сам за себе, што е реткост. Сепак, практиката учениците да ги оценуваат наставниците постои во приватната гимназија „Едукос“.

Учениците ги оценуваат наставниците


Борис Хартман, директорот на гимназијата „Едукос“, вели дека оценувањето се спроведува од првиот ден на постоење на училиштето.

- Практиката на оценување на предавачите доаѓа од центарот за знаење „Едукос“, компанијата од која произлезе гимназијата, каде што ова се применува од 2013 година. Гимназијата „Едукос“ е всушност „дете“ на центарот за знаење „Едукос“, така што целата добра практика што ја применувавме таму ја пресликавме и во гимназијата. Причината зошто го воведовме ова оценување е бидејќи ни е во интерес сите ученици да бидат задоволни и навреме да дознаеме ако има некој објективен проблем со одреден предмет. Анкетите отсекогаш биле анонимни и за кратко време откриваат слабости кај одреден предмет, бидејќи кој може подобро да го оцени наставникот од самите ученици - вели Хартман.

Во анкетата има и прашања од есејски тип, каде што учениците можат да опишат што им се допаѓа на часовите и што би сакале наставникот да продолжи да прави, како и што не им се допаѓа и каде гледаат простор за подобрување.

Што велат наставниците? - Повратните информации се повеќе од позитивни

Хартман наведува дека преостанатиот дел од анкетата содржи прашања со кои статистички се утврдува во што одреден наставник има послаби квалитети. Исто така, учениците се прашуваат дали времето на часот се користи оптимално, дали наставникот доаѓа навреме, дали сите ученици имаат еднаква можност за учество на часот (ако сакаат) и дали наставникот предава на интересен начин. Конечно, преку анкетата се проверува колку се мотивирани учениците да го учат предметот што го предава наставникот.

Што мислат наставниците за оценувањето?


 - Повратните информации се повеќе од позитивни бидејќи ова е и за нив е можност за развој и усовршување. Свесни се дека од анкетите ги земаме предвид само реалните работи што можат да се подобрат, на кои учениците укажуваат, и апсолутно немаат проблем да бидат оценети, бидејќи знаат дека тоа може само да го подобри нивниот квалитет на предавање. Важно е да се истакне дека се игнорираат сите нереални коментари. На пример, ако некој ученик напише дека би било супер повеќе да се гледаат филмови на час, таков коментар не се анализира. Се земаат предвид само објективните забелешки - објаснува Хартман.

Некои можеби ќе ја критикуваат оваа практика со аргумент дека учениците немаат компетенции да ги оценуваат наставниците. Но, Хартман нагласува дека се земаат предвид само реалните коментари и мислењето на мнозинството.

 - Мислењето и искуството на ученикот се важни, но само ако имаат реална основа и можат да доведат до напредок - вели директорот.

Секој наставник добива анализа на анкетата


Клучното прашање е како се користат овие повратни информации. Претходно укинатото оценување на наставниците од страна на директорите предвидуваше зголемување на платата за најдобрите, а откази за најслабите. Дали така функционира и оваа гимназија?

Хартман објаснува дека добиените информации, пред сè, служат за наставниците да се стремат кон извонредност.

 - Со секој наставник се прави анализа на анкетата. Ако проблемите што биле посочени не се поправат, се води разговор со наставникот, по што следува записник и конструктивна опомена (досега немаме ниту еден ваков случај), која во краен случај може да доведе до спогодбен отказ. Одличните наставници, пак, јавно се пофалуваат и добиваат симболични награди. Но, најголемата награда е довербата и задоволството на учениците - истакнува Хартман.

Сепак, тој смета дека оваа практика не е можна во државните училишта, барем не додека не се променат клучни работи во образовниот систем.

 - За жал, мислам дека вакво нешто не може да се спроведе во државните училишта бидејќи директорите немаат поддршка од основачите и Министерството за образование за да менуваат нешто што долго време не функционира како што треба - заклучува Хартман.

Извор: Srednja.hr
Фото: Gimnazija EDUKOS