Најздравото хоби - ги ублажува депресијата, анксиозноста и хроничните болки

Најздравото хоби - ги ублажува депресијата, анксиозноста и хроничните болки

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Време е да земете две игли во рацете и да почнете да плетете. Научно е докажано дека плетењето може да ги ублажи депресијата и анксиозноста, да го забави развојот на деменција и да го одвлече вниманието од хроничната болка.

Организацијата „Нит фор пис“, во која учествуваат 15.000 члена што плетат за сиромашните, тврди дека постојат докази дека плетењето позитивно влијае врз умот и телото. Оваа британска хуманитарна организација анализирала многу претходни истражувања на оваа тема, па спровела сопствена анкета. Илјадници испитаници одговориле на прашања поврзани со плетењето.

Анкетата го открила она што го знаат сите што се занимаваат со плетење. Плетењето е медитативно хоби со смирувачки ефекти.

плетење
Фото: Pixabay

Движењето што се повторува, односно постојаното движење лево-десно со иглите, чиј резултат е мек шал или ракавици, ослободува серотонин во мозокот, а со самото тоа го одвлекува вниманието од менталните и физичките болки што можеби ги чувствувате. Според истражувањето објавено во британскиот весник за терапија, 81 отсто изјавиле дека се чувствуваат среќни по плетењето. Дополнителните истражувања што во 2007 година ги спровел Институтот за медицина на умот и телото „Бенсон-Хенри“ потврдиле дека плетењето го намалува пулсот на 11 отчукувања во минута, што значи дека ова хоби доведува до состојба на целосна релаксација.

Исто така, плетењето ја зголемува функционалноста на мозокот. Едно истражување открива дека плетењето ги намалува шансите за развој на благо когнитивно нарушување за речиси 50 отсто.

Резултатите од анкетата спроведена од „Нит фор пис“ ги потврдуваат претходните истражувања. 86 отсто од испитаниците изјавиле дека плетењето им помага да се релаксираат, додека 30 отсто изјавиле дека плетењето ги ублажува депресијата и вознемиреноста и го намалува крвниот притисок. Други испитаници изјавиле дека плетењето ги олеснува артритисот и хроничната болка.

Извор: Index.hr | Parents.com