Бракот тројно го зголемува ризикот од дебелина кај мажите, покажува истражување

Бракот тројно го зголемува ризикот од дебелина кај мажите, покажува истражување

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Мажите што се во брак имаат 3,2 пати поголема веројатност да бидат дебели во споредба со оние што не се во брак, додека кај жените не е пронајдена таква поврзаност.

Експертите откриле дека ризикот од зголемена телесна тежина расте кај двата пола по стапувањето во брак, но овој ефект е особено изразен кај мажите.

Истражувањето, кое ќе биде презентирано на Европскиот конгрес за дебелина во Шпанија во мај, било спроведено врз парови во Полска.

Според резултатите, и мажите и жените имаат тенденција да се здебелат некој килограм по стапување во брак. Ризикот од прекумерна тежина кај мажите се зголемува за 62 отсто, а кај жените за 39 отсто во споредба со оние што не се во брак.

Сепак, дебелината кај мажите во брак е 3,2 пати почеста отколку кај мажите што не се во брак, додека кај жените не е пронајдена ваква корелација.

Истражувачите сугерираат дека ова може да се должи на културните разлики во ставовите кон дебелината кај мажите и жените.

Стареењето дополнително го зголемува ризикот

Истражувањето покажало и дека со текот на годините, ризикот од прекумерна тежина и дебелина се зголемува кај двата пола.

Д-р Алиција Чиха-Миколајчик од Националниот институт за кардиологија во Варшава, која го водела истражувањето, понудила можни објаснувања зошто не е пронајдена врска меѓу бракот и дебелината кај жените.

- Во раната фаза од анализата, размислувавме за различни хипотези зошто жените што се во брак поретко се соочуваат со дебелина во споредба со мажите во брак. Една од нив е културната разлика во ставовите кон дебелината. Општеството различно гледа на дебелината кај жените и мажите, со што жените почесто се соочуваат со стигма. Претпоставуваме дека жените полесно прифаќаат живот со прекумерна тежина, но не и со дебелина, па затоа почесто преземаат мерки за слабеење, како што се зголемена физичка активност или дури и враќање на навиката за пушење - вели д-р Миколајчик.

Врската помеѓу здравствената писменост, депресијата и дебелината


Во истражувањето биле анализирани податоци од 2.405 лица собрани преку Националната анкета за здравствена состојба. Учесниците биле на возраст од околу 50 години, од кои 35,3 отсто имале нормална тежина, 38,3 отсто биле со прекумерна тежина, а 26,4 отсто биле дебели.

Анкетираните одговарале на прашања поврзани со нивното знаење поврзано со здравјето, присуство на депресија и социјална поддршка (како фреквенцијата на контакт со семејството и пријателите).

Повеќе од половина (55 отсто) имале доволно познавање за здравјето, а 50 отсто уживале барем умерена социјална поддршка. Сепак, 15 отсто изјавиле дека имаат симптоми на депресија.

Кај жените, недоволната здравствена писменост го зголемувала ризикот од дебелина за 43 отсто, додека присуството на барем гранична депресија го дуплирало ризикот од дебелина. Овие фактори не биле забележани кај мажите.

Здравствената едукација може да помогне

- Возрастa и брачниот статус имаат значително влијание врз прекумерната тежина и дебелината кај возрасните, без разлика на полот.

Од друга страна, ниската здравствена писменост и присуството на депресија се поврзани со дебелината кај жените.

Нашите резултати укажуваат на тоа дека зголемувањето на свеста за здравјето и промовирањето здрави навики во текот на целиот животен век би можеле да помогнат во справувањето со загрижувачкиот тренд на зголемување на дебелината - заклучува истражувачкиот тим.

Извор: Perspectivemedia.com
Фото: Freepik