Колку чини освојувањето „Оскар“?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Отсекогаш постоеше широко прифатено убедување дека доделувањето на „Оскарите“ е наместено и дека сè се знае однапред бидејќи вистинските луѓе се финансиски „подмачкани“. Од друга страна, има и такви што ги отфрлаат овие тврдења како теории на заговор.
Вистината, како и секогаш, е на средина. Секој што ги следи „Оскарите“ е свесен дека во кампањите за овие награди се вложуваат огромни количини пари и креативност.
Една таква кампања, за која пишуваше списанието „Варајети“, неодамна стана главна тема во американските медиуми бидејќи совршено прикажува како навистина функционира оваа игра.
Втор „Оскар“ за малото студио
Филмското студио „Неон“ се одлучи за неконвенционален пристап во освојувањето на најголемата филмска награда за својот филм „Анора“. И додека другите студија вложуваа пари во проверени стратегии, проекции за влијателни критичари, реклами и слично, „Неон“ во ноември постави камион за влечење пред една автомеханичарска работилница во Лос Анџелес за да организира продажба на производи со мотиви од филмот, вклучувајќи маици и танга-гаќички.
Околу 300 обожаватели чекаа во ред уште пред камионот да пристигне. А за првата проекција на филмот, кој раскажува приказна за ескорт-дама од Бруклин која се мажи за син на руски олигарх, студиото реши да ја пополни публиката со сексуални работнички наместо со членови на Академијата.
- Ние го следиме сопствениот ритам. Кампањата не е најважна. Најважни се филмот, режисерот и публиката, баш по тој редослед - вели извршниот директор на „Неон“, Том Квин.
Иако стратегијата можеби изгледа нетрадиционална, резултатите се неминовни. „Неон“ повторно освои „Оскар“ за најдобар филм – вторпат од своето основање во 2017 година. За споредба, далеку помоќниот „Дизни“ и финансиски посилниот „Нетфликс“ сè уште немаат „Оскар“ за најдобар филм, додека „Неон“, со само 60 вработени, успеа да го реализира тоа двапати во период од пет години.
Трипати повеќе пари за „Оскар“ отколку за самиот филм
Оваа година конкурентите на „Неон“ потрошија астрономски суми на кампањи, при што една компанија наводно вложила 60 милиони долари во промоција на еден единствен филм.
Од друга страна, „Неон“ потроши 18 милиони долари за маркетинг, дистрибуција и кампања за „Анора“, што е трипати повеќе од самиот буџет на филмот.
Сепак, ова е нешто помалку од 20 милиони долари, колку што компанијата потроши за кампањата на „Паразит“, нејзиниот прв добитник на „Оскар“.
И покрај тоа, „Анора“ е еден од најмалку профитабилните добитници на „Оскар“ за најдобар филм во историјата, со заработка од 16,1 милиони долари во САД и 41,4 милион долари на глобално ниво.
Но, Квин тврди дека финансиските резултати во киносалите не се најважни. Филмот остварува одлична заработка преку дигитални платформи како „Амазон“ и „Епл“, што го прави финансиски исплатлив.
Борбата меѓу независните студија
Минатата година се зборуваше дека „Неон“ ќе биде купен за 100 милиони долари, но зделката пропадна. Потоа се појавија шпекулации дека студиото е во финансиски проблеми, но најновите успеси го покажаа спротивното.
Во последните месеци „Неон“ освои петта последователна „Златна палма“ во Кан за „Анора“, додека неговите нискобуџетни хорор-филмови остварија одлична заработка. Оваа година беше најуспешна досега.
Некои сметаат дека „Неон“ и „A24“ се во конкуренција за титулата „најкул“ независно студио во индустријата, но Квин тврди дека вистинскиот противник е „Нетфликс“, кој очајно се обидувал да ги победи во купувањето одредени филмови.
Со два освоени „Оскари“, „Неон“ има поголеми шанси да привлече врвни режисери и актери.
- Имаме јасна визија за тоа што сакаме да направиме во индустријата. Нема да прифаќаме компромиси само поради финансиски извештаи - вели Квин.
Извор:
Index.hr
Фото:
Instagram