Колумна: Правда за народот, од народот - непосредни избори за судии и обвинители

Колумна: Правда за народот, од народот - непосредни избори за судии и обвинители

Секој ден слушаме како делото застарело, како некој се разболил и бил поштеден од притвор, друг имал деца, па морал да ги чува, трет секој викенд е надвор од затвор, четврти плаќа 600.000 евра и излегува од притвор, петти бил „постар малолетник“, а да не ги испуштиме и полагањата на правосуден испит без диплома и уште безброј други скандали кои се случуваа изминативе години и кои доведоа до најниска доверба од народот во судовите и обвинителството од сите можни институции. Политичките партии најавуваат реформи во судството, велат дека тоа е неопходно и мора да се стави крај на корумпираните судии и на корумпираните обвинители. Но клучното прашање кое многу малку е поставувано е: кој ги избира судиите и обвинителите?

Според законот, Судскиот совет има право да именува и разрешува судии, додека самиот Судски совет го сочинуваат 15 лица од кои 8 се избрани од самите судии, 5 се избрани од Собранието, од кои 2 се предложени од претседателот, и тука се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Нешто слично е и со обвинителите. Значи, ниту еден од овие нема никаква допирна точка со народот, т.е. со граѓаните. Ниту една од предложените реформи на која било партија не предлага измена на начинот на кој се гласаат и избираат судии. Според мене, тука е проблемот. Тоа што судиите и обвинителите не зависат од волјата на народот, туку зависат од калкулациите и политичките игри на мал број луѓе, остава простор за корупција. Судиите и обвинителите мува не ги лази што народот е крајно незадоволен од нивната работа. Па зошто би се замарале? Секако граѓаните не се тие од кои им зависи работата и секако еден протест, па и повеќе протести пред судовите и обвинителството нема да ги освестат за да почнат да работат како што треба. Но што ако нивната работа почне да зависи од граѓаните? Што ако јавниот обвинител и судиите треба да бидат избрани од народот? Всушност, таква практика има во многу малку држави во светот, но една од државите во која има избирање на судии и обвинители од страна на народот е нашиот стратешки партнер – САД. Имено, во Америка во многу држави народот гласа за судии и обвинители на државно ниво, а во некои држави народот има опција на неколку години да гласа дали да го задржи или не актуелниот судија или обвинител. Некој можеби ќе рече дека на ваков начин луѓето би гласале слично како што гласаат за политичките партии, но тоа не мора да биде така и во гласањето на судии/обвинители. На пример, во САД во некои држави се случувало народот да изгласа претседателски кандидат или сенатор од една партија, а обвинител од друга. Со други зборови, поважни биле карактерот и програмата на обвинителот отколку неговата партиска припадност. Секако, доколку и кај нас би се вовел ваков систем на гласање, никако не смее да се кандидираат обвинители со партиска заднина бидејќи тогаш народот ќе гласа како досега.

За да не бидат збунети странските амбасадори на навистина чудни избори на јавни обвинители како случајот со изборот на сегашниот јавен обвинител, потребно е народот да ги избира ваквите клучни позиции бидејќи во спротивно повторно ќе се прават некои игри и калкулации во заднина и повторно ќе биде избран некој обвинител кој нема да одговара пред никого освен пред некоја политичко/судска/бизнис-елита. Би било доволно и ако барем ние како граѓани имаме право да одлучиме дали некој назначен судија или обвинител ќе ја задржи својата функција по неколку години работа. Некој ќе рече дека ако поголем дел од луѓето веруваат во нешто, тоа не мора да биде вистинито, т.е. ако поголемиот дел од граѓаните изгласаат некој обвинител или судија, дека тоа не е вистинскиот избор... и ова е точно. Но сепак, со досегашниот начин на избор на судии и обвинители државата ни тоне во корупција, а довербата во нив е на рекордно ниско ниво. Можеби е време за некоја промена?

Само со директно учество на народот во изборот на оние што се одговорни за правдата може да се дојде до правда. Само кога граѓаните би можеле повеќе да влијаат врз изборот на судии и обвинители, овие вторите ќе почнат посериозно да работат и само кога секој од нас ќе може да гласа за судија или за обвинител, овие два државни органи нема да имаат најниска доверба кај народот.

Автор: Александар Мирчески, студент