Оваа реклама совршено објаснува зошто треба да се израмни експоненцијалната крива

Оваа реклама совршено објаснува зошто треба да се израмни експоненцијалната крива

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Поголем дел од светот веќе еден месец е во карантин. Како и да е, сега сите ја знаеме важноста на миењето раце, останувањето дома и најважно - социјалното дистанцирање.

Ова последното не сите можат да го разберат бидејќи и понатаму постојат луѓе што не се придржуваат кон мерките и не сфаќаат зошто е неопходно луѓето да се држат подалеку едни од други. А бидејќи ваквите луѓе се во голем број, Стејт департментот за здравство на Охајо направи видео што објаснува колку е важно и ефективно социјалното дистанцирање кога станува збор за коронавирусот.

Објавеното видео објаснува колку е ефективно социјалното дистанцирање во запирањето на ширењето на коронавирусот. На видеото се поставени неколку стотици стапици за стаорци. На секоја стапица има пинг-понг топче што може да скокне дури и при најмалиот допир на стапицата. Растојанието меѓу секоја стапица е минимално - веројатно 1 сантиметар.

Скокањето на само едно пинг-понг топче предизвикува незапирлива реакција на синџирот на стапици. Стапици и пинг-понг топчиња летаат насекаде, допирајќи други стапици во процесот. Вистински хаос.

Затоа се важни трпеливоста, грижата и социјалното дистанцирање.

Подоцна видеото преминува во аналогна сцена. Овој пат стапиците имаат повеќе простор меѓу себе. Кога едно топче скокнува, не ги допира другите стапици, покажувајќи колкава разлика прави дистанцирањето. Сега замислете дека стапиците сме ние, а пинг-понг топчето е вирусот.

Видеото завршува со пораката: „Запрете го ширењето. Социјалното дистанцирање функционира“, објаснувајќи дека дури и малата дистанца нè прави сите побезбедни.



Извор: Bored Panda
Фото: Screenshot/YouTube